Ковид-предупредување на американскиот Стејт департмент

Американскиот Стејт департмент ги предупреди своите граѓани да избегнуваат патувања во Германија поради моменталното забрзано ширење на коронавирусот во земјата. Според Стејт департментот, предупредувањето за Германија е од ниво четири и е поврзано со најновата процена на ситуацијата од страна на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
– Избегнувајте патувања во Германија. Ако морате да одите таму, целосно вакцинирајте се пред патувањето. Поради моменталната ситуација во Германија, дури и за целосно вакцинираните се заканува ризик да се заразат и да ја шират варијантата на ковид-19 – додава ЦДЦ.
Во меѓувреме, Германија се соочува со пораст на бројот на заразени, а медицинските стручњаци и канцеларката Ангела Меркел предупредија дека болниците во некои сојузни покраини веќе водат борба за секој слободен кревет. Бројката на новозаразени во земјата се удвојува на секои 12 дена.
– Се наоѓаме во драматична ситуација. Мерките што сега се во сила не се доволни – им порачала Меркел на лидерите на ЦДУ, дознава „Ројтерс“.
Инаку, во предупредувањето на Стејт департментот за воздржување од патувања во земјите низ светот, покрај Германија се најдоа и други европски држави меѓу кои и Македонија. Во земјите со највисок степен на инфекции, ниво четири на скалата на ЦДЦ, во Европа исто така се и Белгија, Хрватска, Унгарија, Австрија и Холандија. За Франција и за Италија, според Стејт департментот, се применува нивото три на опасност, во рамките на кое патниците се повикуваат да ги разгледаат своите планови за патување. Пред пандемијата на коронавирусот, највисокиот степен на предупредување главно беше резервиран за земји како Авганистан и Ирак, во кои траат кризи и конфликти.