Осомничениот за оружениот напад во англискиот град Плимут во кој синоќа беа застрелани и убиени пет лица, меѓу кои и петгодишно дете e млад човек возраст од 20-на години. Полицијата објави дека напаѓачот бил пронајден мртов на лице место и дека имал прострелна рана, но неговиот идентитетот се уште не е официјално потврден.
Иако живеел во Плимут, на неговиот фејсбук-профил било наведено дека потекнува од американскиот град Феникс. Тој го поддржувал поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп на социјалните мрежи и споделил бројни статуси за истражување на вселената. Наводно, тој работел за компанија која објави откази за илјада свои вработени во април.
Многу луѓе кои го коментираат неговиот профил на социјалните мрежи, а кои тврдат дека го познаваат, пишуваат дека биле загрижени за неговото ментално здравје, а се споменува и неодамнешна борба со тешка болест во неговото семејство.
Медиумите пишуваат дека наводниот напаѓач е десничар опседнат со американската култура на оружје. Неговиот Фејсбук е полн со американска пропаганда, како слика на орел пред знаме и слика на статуа на која е прикажан колонијален земјоделец.
Тој има и јутуб-канал каде зборува за неговиот неуспешен љубовен живот. Пред само две недели, зборувал за тоа колку е тешко да се „има волја“ кога „животот никогаш не те наградил“. Во другите видеа, тој се жали и зборува дека има опрема за убивање.