Пронајдени остатоците од авионот АН-32 на Индиските воздухопловни сили (ИАФ), кој со 13 патници исчезна минатата недела по полетувањето од Јорхат. Остатоците беа пронајдени завчера во далечна област во индиската држава Аруначал Прадеш.
Од ИАФ објавија дека утринава осум членови на спасувачкиот тим стигнале на местото на несреќата и констатирале дека нема преживеани.
Авионот полета на 3 јуни и се упати кон соседната држава Аруначал Прадеш, каде што еден час подоцна требало да слета на воен аеродром во близина на селото Мечука. Набрзо потоа врските со авионот биле прекинати.
Истиот ден, индиската војска, заедно со владините и цивилните структури, почна голема операција за пребарување.