Најмалку осум луѓе загинаа во налетот на невремето, проследено со обилен дожд и силен ветер, кое ги погоди северните делови на Европа.
На удар се најде и Корзика, каде што ветерот достигнал брзина и до 200 километри на час. На Корзика избил шумски пожар против кој се борат 300 пожарникари. Две пристаништа се затворени, а летовите откажани. Речиси 2.000 домаќинства останале без електрична енергија.
Невремето Кјара погоди и други делови на Европа. Силен ветер ги зафати југот на Германија и Австрија.
Во северна Баварија, каде што ветерот достигнал брзина до 160 километри на час, невремето произвело рекордна количина електрична енергија.
Во североисточниот дел на Германија се очекува ново невреме, кое најпрвоин ќе удри кај балтичкиот брег, а се очекува и пороен дожд. Невреме се очекува и во Франција и Белгија.
Смртни случаи се регистрирани во Полска, Шведска, Велика Британија, Словенија, Германија и во Чешка.
Во Полска има три жртви. Мајка и ќерка загинале кога се урнал објект за изнајмување ски-опрема во местото Буковина Татранска во близина на границата со Словачка, а третата жртва бил нивен роднина.
Во Шведска маж се удавил кога се превртел чамецот во кој бил со уште едно лице, кое се води како исчезнато.
Во Словенија загинале две лица, а на југот на Англија едно лице. Жртвите настрадале кога дрва се урнале на нивните автомобили.
Во Германија загинал возач на камион кога удрил во паркирана приколка на работници кои го чистеле автопатот во покраината Хесен.
Во Чешка едно лице загинало во сообраќајна несреќа кога, најверојатно, дрво паднало на неговото возило.