Вашингтон – Земјотрес со јачина од 5,7 степени вчера беше регистриран во близината на Солт Лејк Сити во сојузната држава Јута, соопшти Геолошкиот институт на САД. Епицентарот на потресот бил на четири километри од главниот град на сојузната држава. Локалните жители на социјалните мрежи го опишале земјотресот како многу силен. Досега нема информации за повредени луѓе и причинета материјална штета.
Москва – Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е премногу рано да се размислува за неговиот статус по 2024 година, кога истекува неговиот тековен мандат. Како што јави агенцијата ТАСС, рускиот претседател посочил дека одговорот на ова прашање за неговиот иден мандат ќе зависи од стремежот и аспирациите на граѓаните. Според Путин, најважен е ставот на мнозинството граѓани. Вториот шестгодишен мандат на Путин истекува во 2024 година.
Валета – Сите странци што ќе добијат отказ или ќе останат без работа, ќе бидат депортирани од Малта, најави министерот за економија на Малта, Силвио Шембри. Како што пренесува Ројтерс, приоритет на Владата на Малта е во време на криза да ги заштити работните места на своите државјани. Според министерот за економија, во тек се разговори со Министерството за внатрешни работи сите странци да ја напуштат земјата ако го изгубат своето работно место. Шембри истакна и дека економијата на Малта нема веднаш да заздрави по завршувањето на епидемијата со новиот коронавирус.
Техеран – Иранскиот врховен верски лидер, ајатолахот Али Хамнеи, планира да помилува уште 10.000 затвореници. Ова го потврди портпаролот на Министерството за правда Голамхосеин Есмаили, наведувајќи дека Хамнеи уредбата за амнестијата ќе ја потпише во пресрет на иранската нова година. Портпаролот на ресорното министерство соопшти дека во обидот на земјата што подобро да справи со ширењето на коронавирусот, од кој досега во Иран умреа повеќе од 1.100 лица, веќе се ослободени 85.000 затвореници.