Токму кога доаѓаат домашните групирања во периодот на зимските празници низ светот, како Денот на благодарноста, Божиќ и слични семејни собири, повеќе земји како превентива од ширење на опасниот вирус воведуваат построги ограничувања за движењето на граѓаните
Се чини дека многумина сѐ уште не ги сфаќаат опасностите од пандемијата на ковид-19. Ова не може да го поправат ниту здравствените работници ниту политичарите, а уште помалку владите. Токму во време кога доаѓаат домашните групирања во периодот на престојните зимски празници низ светот, како Денот на благодарноста, Божиќ и слични семејни собири, експертите советуваат да има ограничување на интеракциите на една група луѓе за да се намали контактот со луѓе за помала можност на трансмисија на опасната инфекција. Во тој контекст, собирањето на семејството и пријателите во затворено на подолг временски период ги зголемува шансите за ширење на вирусот, наведува Гласот на Америка (ВОА) во свој текст на оваа тема.
Според медиумот, пандемијата на ковид-19 веќе ги искомпликува плановите за празникот Денот на благодарноста за многу семејства во САД. Со над 240.000 мртви од коронавирусот и инфекции, чии бројки продолжуваат да растат, според универзитетот „Џонс Хопкинс“, секое семејство ќе мора да донесе одлука дали ќе се собере.
Виртуелни средби за поголема безбедност
Д-р Ентони Фаучи, врвниот експерт за инфективни болести во САД, нема да биде на собир со своето семејство за Денот на благодарноста. На 79-годишна возраст, Фаучи е изложен на зголемен ризик од заразување со ковид-19. Неговите три возрасни ќерки се загрижени за нивниот татко во поодминати години, рече тој за телевизијата Ен-би-си, додавајќи дека не го сака тој израз. Наместо тоа, неговото семејство ќе имало виртуелна вечера.
– Особено кога собирите вклучуваат постар член на семејството или некој со здравствени проблеми, како што се дијабетес, дебелина, рак или срцеви заболувања, кои го зголемуваат ризикот од сериозни болести, прашајте се дали вреди собирањето кога не знаете дали е инфициран некој од присутните – изјави неодамна Фаучи за мрежата ЈАМА, токму пред почетокот на собирите на семејствата и пријателите во Америка за Денот на благодарноста.
Опасни семејни прослави и собири
Според експертот, собирањето на семејството и пријателите во затворено на подолг временски период ги зголемува шансите за ширење на вирусот. Тоа веќе се случува во земјата, но мора да престане, за да се заштитат ближните, но и повозрасните пријатели и роднини.
– Ако погледнете низ земјата, многу од инфекциите се случиле на мали семејни и пријателски дружења, како што се вечери и мали социјални групирања. На овие невини семејни и пријателски собири, од шест, осум, десет луѓе во нечиј дом, може да има една личност што е асимптоматска но заразена, која може веднаш да зарази четири или пет лица на тој собир. За мене, тоа изгледа како сценарио што мора да се избегне за Денот на благодарноста – рече Фаучи, додавајќи дека тоа се случило во Канада, каде што по прославата на Денот на благодарноста, која се одржа на 12 октомври, веднаш во земјата се појавил скок на бројот на нови случаи.
Намалување на ризиците
Во меѓувреме, најбезбеден начин да се прослават престојните празници е со мала група најблиски членови на семејството, наведува Американскиот центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ). Според институцијата, поголеми групи луѓе може да го намалат ризикот доколку се собираат на отворено. Сепак, ако тоа е невозможно, отворањето на прозорците може да помогне за побрза циркулација на воздухот.
– Пократки собири се подобри. Избегнувајте метежи. Стојте на два метра од другите луѓе. Со овие препораки, но и со носењето маска, ги штитите другите од вирусот, кој носителот може да го издише без да знае за тоа. Тестирањето пред патување може да биде корисно, но и со тоа треба да се има голема претпазливост – наведува (ЦДЦ).
Според Американскиот центар за контрола и превенција на болести, повеќето брзи тестови не се многу ефикасни за луѓето што не покажуваат симптоми. Дури и најдобрите тестови може да пропуштат рана инфекција. Освен тоа, луѓето може да се заразат во времето помеѓу тестот и пристигнувањето на прослава на Денот на благодарноста.
Во меѓувреме и повеќе европски држави, меѓу кои и Португалија, најавија дека ќе воведат нови ограничувања за да се спречи ширењето на коронавирусот за време на зимските празници. Португалија најави строги ограничувања во земјата во периодот околу двата претстојни национални празника – Денот на независноста, на 1 декември, и празникот на Беспрекорното зачнување на Пресвета Богородица, на 8 декември.