Венецуелскиот претседател Николас Мадуро вчера го задолжи моќниот сојузник обележан од САД како наркобос, заедно со роднината на починатиот поранешен претседател Уго Чавез да ја реорганизираат нафтената индустрија на јужноамериканската држава која се соочува со недостиг на гориво, пренесува „Асошиејтед прес“.
Мадуро го назначи Тарек ел Аисами за министер за нафта, а Асдрубал Чавез беше поставен за водечки човек на државната нафтена компанија ПДВСА.
Двете функции досега ги извршуваше генералот Мануел Куеведо. Во текот на неговите 28 месеци поминати на важните позиции, производството на нафта во Венецуела опадна за 65 отсто.
Промената доаѓа по падот на глобалните цени на нафтата и по падот на производство на сурова нафта на ПДВСА во изминатите две децении, кое денес изнесува 19 отсто во однос на нивото од 1999 година, кога Уго Чавез дојде на власт. Критичарите сметаат дека ваквата состојба се должи на корупцијата и лошото раководење.
Американската служба за имиграција и царина го стави Ел Аисами на листата на 10 најбарани бегалци. Тој беше означен како наводен голем криумчар на дрога во 2017 година и обвинет во САД како дел од заговор за шверц на наркотици. Американските власти понудија награда од 10 милиони долари информации што ќе доведат до апсењето на Ел Аисами, а 15 милиони за апсењето на Мадуро.
Асдрубал Чавез неколку месеци беше на чело на придружницата на ПДВСА во Хјустон, ЦИТГО, но ја напушти функцијата кога не доби американска виза.
Венецуела се соочува со длабока политичка и социјална криза и покрај тоа што ги има најбогатите светски резерви на нафта, додека околу 60 држави предводени од САД бараат оставка на Мадуро.