„Политико“ истражува како климатските промени ја менуваат динамиката на моќта кај противниците на Америка

Покрај ураганите, поплавите и пожарите, климатските промени носат уште една закана, а тоа е менувањето на геополитиката во која помоќни стануваат некои од противниците и ривалите на Америка. Како што се топи Арктикот, Русија ќе добие пристап до полињата со нафта и гас, кои се наоѓаат под северната ледена плоча, а во меѓувреме ќе почне да гради капацитети за лансирање на крстосувачки ракети од арктичките води како закана за американското крајбрежје. Со отворањето на поларните морски патишта, Кина размислува за нов „Поларен пат на свилата“ што ќе значи пократки трговски рути со кои би се скратило времето на пат од Азија до Европа. Како што сушите ги принудуваат земјоделците и сточарите да ги напуштат плодните земји, така екстремистичките групи во Африка и на Блискиот Исток наоѓаат нови регрути.

Ова се само неколку примери што покажуваат како климатските промени ја менуваат динамиката на моќта меѓу државите. Климатските промени „се причината поради која за сите наши предизвици стануваат многу посерозни“, без разлика дали станува збор за тероризам, оружја за масовно уништување, насилен екстремизам или натпревар за доминација меѓу Кина и Русија, смета Шери Гудман, поранешната заменик-потсекретарка за одбрана, која ги водеше студиите за влијанието на климата врз националната безбедност во Центарот за поморски анализи. Некои од најголемите промени се случуваат околу Арктикот со топењето на мразот поради што се отвораат нови можности во националната безбедност на државите.

Гудман, која сега е соработничка на Институтот за поларни истражувања „Вудро Вилсон“, вели дека веќе е започната светската потрага по ресурси на Арктикот. Според неа, „во целиот Арктик постојат огромни резерви на фосилни горива, нафта, гас и минерали кои сè уште не се искористени. Русија токму сега започна со такви активности по арктичкото крајбрежје со помош на Кина“.

Русија се натпреварува за контрола врз арктичките поморски патишта и за таа цел изгради околу 40 мразокршачи. Гудман вели дека „Русија под власта на Путин сака да добие северна морска рута, која всушност ќе се наплаќа и воедно ќе вклучува руска арктичка придружба со мразокршачи и други патролни бродови, кои не само што ќе ги придружуваат кинеските, туку и сите останати што ќе сакаат да го преминат Арктикот“. Од друга страна, САД располагаат само со два мразокршачи.

Во меѓувреме, Кина, која иако нема пристап до Арктикот, спроведе агресивна арктичка дипломатија и се стекна со набљудувачки статус без право на глас во Арктичкиот совет кој е меѓународен форум за спроведување на политиката во таа област. Лани, Кина ја воведе својата прва арктичка политика. Гудман вели дека таа опфаќа „Поларен пат на свилата“, кој ќе се протега од Шангај и наводно до Хамбург и Рејкјавик, како и делови од Европа преку долгата руска северна рута долж рускиот брег, па така ќе ги искористува тамошните енергетски ресурси, транспортните капацитети, испораката и воедно ќе истражува.

Претседателот Доналд Трамп беше заинтересиран да го купи Гренланд делумно поради ресурсите што стануваат достапни со топењето на мразот. Данската влада веднаш ја отфрли идејата, но случајот може да се смета за еден вид на признавање на климатските промени од страна на лидер кој лично смета дека глобалното затоплување е глупост.

Климатските промени предизвикуваат дополнителни последици по безбедноста. Американските воени бази дома и надвор веќе се соочија со проблеми поради силните урагани и поплави кои ги чинеа милијарди долари во поправки, а екстремните временски услови го отежнија работењето на војската во справувањето со штетите. Гудман порача дека американското министерство за одбрана веќе почнало да ги вклучува овие ризици во своите стратегиски планови.

Друга геополитичка закана е миграцијата без разлика дали станува збор од островски држави што имаат проблеми со вода за пиење или крајбрежните области што се на удар на тајфуните. Дури и долгата суша се смета за причина за дел од конфликтите на Блискиот Исток. Гудман вели дека токму долгата суша во Сирија што се јавила пред граѓанските немири имала свој удел што потоа довело до нестабилност, насилен екстремизам што прерасна во една од најсмртоносните граѓански војни во поновата историја.

Сајмон Далби, професор по географија и студии по животна средина на универзитетот „Вилфрид Лорие“, наведе дека сушата од 2010 година во Русија го принуди Кремљ да го ограничи извозот на жито по што следеше верижна реакција. Така, на меѓународните пазари настана паника, цените веднаш скокнаа и се покажа дека Арапската пролет беше делумна причина за промената во цените. Политичките нарушувања на Блискиот Исток можеби имаа некаква поврзаност со сушата во Русија што барем делумно беа предизвикани од климатските промени. На овој начин гледаме како силно се поврзани светската економија и животната средина.

Подготвила: Билјана Здравковска