Италијанските јавни обвинители и експерти за организиран криминал предупредуваат дела Шпанија е втор дом за голем број криминални организации, особено за италијанската мафија која ја трансформираше земјата во „лабораторија за организиран криминал“, пренесува „Ел паис“.
Периодов во Шпанија беа уапсени Доменико Павиљанити, висок член на италијанската Ндрангета, кој беше уапсен во Мадрид, а два дена подоцна беше уапсена и Марија Личарди, врвен шеф од криминалната организација Камора, додека патувала кон Коста дел Сол.
Пандемијата пружи невидена прилика корењата на италијанската мафија да продрат уште подлабоко во Шпанија. Експертите и обвинителите од Италија имаат неколку теории зошто Шпанија е рај за италијанските мафијаши.
– Тие ја користат економската криза предизвикана од пандемијата за да купат банкротирани бизниси во туристичкиот сектор низ Европа, особено долж шпанското и француското крајбрежје – вели Палермо Франческо Ло Вои, италијански јавен обвинител.
Кризите секогаш претставуваат можност, особено за мафијата и оние кои имаат огромни суми пари за инвестирање. Инвестирањето е најдобриот начин за мафијата да скрие пари од трговијата со дрога и да ги насочи во легалната економија, особено во туристичкиот сектор, преку купувањето на хотели.
– Тоа претставува предност за криминалните групи, а голем проблем за оние кои се борат против нив. Здобиениот имот и понатаму е резервно средство што гарантира дека наркодилерите нема да ја загубат својата почетна инвестиција – објаснува Антонио Никасо, експерт за Ндрангета од Калабрија.
Никасо додава дека првпат забележале промена во рутите за достава на наркотици за време на првото затворање поради пандемијата во март минатата година. Додека помал број пратки стигале во Италија, во Шпанија нивниот број бил зголемен десетократно. Шпанската полиција конфискувала илјадници килограми хашиш и кокаин во првиот бран на пандемијата.
– Членовите на мафијата ја гледаат Шпанија како рај каде што лесно го разбираат јазикот и можат да ги преселат своите семејства – открива Исаја Салес, писател и професор специјализиран за Камора.
Шпанија е една од најважните земји за трговија со дрога во Европа. Членовите на италијанската мафија се среќаваат на шпанска почва за да ги дефинираат и склучат преговорите, да формираат сојузи, да ја планираат дистрибуција на хашиш од Африка и кокаин од Јужна Америка. Додека дома во Италија тие водат крвави војни, во Шпанија се сојузници и соработуваат заедно.
– Тие гледаат на себе како претприемачи кои водат бизнис. Додека насилството е алатка во Италија, во Шпанија владее мир. Тоа е клучниот елемент да не бидат откриени. Друг битен фактор се и затворските казни, кои се доста поблаги во Шпанија, а наркодилерите речиси се затворани во тотална изолација во затворите – додава Салес.