Министерот за здравство Венко Филипче заедно со генерал-мајорот Грегори Најт и вршителот на должност амбасадор на САД Ерик Мајер денеска ја посетија здравствената установа во Пробиштип, каде со американска донација се реновирани просториите и влезот на Итната медицинска помош, а Здравствениот дом е гасифициран и променета е кровната конструкција на објектот.

– Сакам да се заблагодарам за помошта којашто во континуитет ја добиваме од нашиот најголем и најважен стратешки партнер САД, во делот на менаџирање на ковид кризата, но и генерално во изминатите повеќе од 20 години, посебно во секторот здравство. Од почетокот на кризата помогнаа на Министерството за здравство со донација за нас многу битна во форма на лична заштитна опрема, заштитни маски, медицинска опрема. Овој проект е дел од една серија на проекти за зајакнување на здравствените институции во нашата земја и после Клиниката за неврологија, Детска хирургија, болницата во Демир Хисар, ургентниот центар во болницата „8 Септември“, ова е проект којшто е сега завршен и значи целосна енергетска ефикасност во делот на реконструкцијата на покривот и гасификација, со што овој објект е прв објект во Пробиштип којшто користи течен гас за затоплување и со ова е решен проблемот со загадувањето во овој дел – рече Филипче.