Членките на ЕУ минатата недела се согласија под посебни услови да им овозможат на земјите надвор од блокот (трети земји), меѓу кои засега се САД, В. Британија но наскоро и Норвешка, да учествуваат во заеднички одбранбени проекти на блокот

Субјекти од трети земји ќе можат да учествуваат во заеднички проекти на Европската Унија (ЕУ) ако обезбедат „значителна додадена вредност“ за воениот проект и ги делат „вредностите на кои ЕУ се темели“. Ова меѓу другото се вели во нацрт-договорот што го склучи германското претседателство со ЕУ, а до него дојде „Еурактив“. Како што наведува бриселскиот медиум, договорот следуваше откако американски претставници со месеци лобираа за инклузивна политика што ќе им овозможи најголем можен пристап на трети земји до трајната структурна соработка на ЕУ (ПЕСКО). Имено, како што појаснува „Еурактив“, соработката опфаќа одбранбени договарачи како САД, Велика Британија, но и многу веројатно Норвешка да се вклучуваат во воени проекти на блокот. Формално формирана во декември 2017 година, рамката на ПЕСКО има цел да ја продлабочи одбранбената соработка меѓу 25-те членки на ЕУ што се вклучени во неа, да помогне во финансирањето, развојот и распоредувањето вооружени заеднички сили и да го направи одбранбениот сектор на ЕУ пофлексибилен и понезависен од САД. Оттогаш ПЕСКО беше во центарот на европските заложби за „стратегиска автономија“ во периодот по брегзит и среде ескалацијата на геополитичкиот судир меѓу САД и Кина. Договорот претставува чекор напред во ќор-сокакот што потекнува од јуни во 2018 година и има цел да ги обнови европските одбранбени интеграциски напори започнати пред три години, кои наидоа на бирократски пречки. Европските претставници сакаат да се заштитат од обвиненијата дека Европа создава индустриска „тврдина околу својата територија“ додека Франција и Германија директно ги отфрлија ваквите тврдења.

Досега членките на ЕУ се договорија да развијат 47 заеднички воени проекти, вклучувајќи нови патролни бродови, беспилотен противподморнички систем, авионско оружје за електронска блокада, технологија за следење балистички ракети и систем за пуштање дронови во системот на единственото европско небо. Сепак, експертите критикуваа дека интеграциските напори ќе имаат само ограничен ефект врз „капацитетот за дејствување“ на ЕУ поради недостиг од финансиска моќ.

Кои се условите за учество

Според новиот договор, субјекти од трети земји, кои се со седиште во ЕУ, но се под контрола или имаат управни структури надвор од блокот, ќе можат да се вклучат во европски одбранбени проекти само по едногласно одобрување од членките во Унијата, и тоа по 31 декември 2025 година. Како што наведува „Еурактив“, третите држави ќe мора да испратат барање до координаторот на проектот од ПЕСКО за учество и да минат низ процесот на условеност. Субјектот ќе мора да обезбеди „значителна додадена вредност“ на дадениот воен проект, на пример преку обезбедување техничка експертиза или дополнителни капацитети, вклучувајќи оперативна и финансиска поддршка. Советот и главниот дипломат на ЕУ треба да бидат известени исто така, за Советот потоа да може официјално да го одобри учеството. Според договорот, „учеството не треба да доведе до зависност од таа трета земја или до рестрикции наметнати против неа или против некоја членка на Унијата“, истакнувајќи ја набавката на оружје, истражување и развој на капацитети или употреба и извоз на оружје или капацитети и технологија. Така, државите што не се членки на ЕУ нема да имаат право на одлучување како ЕУ ќе ги користи капацитетите и системите развиени според договорот. Во договорот исто така се наведува дека „учеството на трети земји во проект на ПЕСКО не значи дека субјектите од трети земји ќе имаат пристап до Програмата за одбранбен индустриски развој на ЕУ (ЕДИДП) или до други важни инструменти на Унијата“. Истовремено, одлуката нема да влијае врз традиционалниот пристап на американските одбранбени договарачи да понудат поединечни европски воени договори.

Турција веројатно ќе биде изоставена

Неколку членки на ЕУ изразија загриженост дека проширувањето на вклученоста на земјите надвор од блокот ќе остави простор за Кина и за Турција да добијат пристап до сензитивни безбедносни проекти на Унијата. Истовремено, според потпишаниот договор, само државите што ги делат „вредностите на кои се темели ЕУ“ и „го почитуваат принципот на добрососедски односи со членките“ ќе можат да учествуваат во заедничките одбранбени проекти.


Примирјето што стапи во сила минатиот понеделник беше договорено ден претходно откако САД учествуваа како олеснувачи во преговорите. Ова беше трет обид да се воспостави траен прекин на огнот во разгорувањето на долгогодишниот конфликт, а како и претходните двапати веднаш беше предизвикан од тврдењата за негово кршење од двете страни, како што пренесе АП.
Нагорно Карабах територијално му припаѓа на Азербејџан, но е под контрола на етничките ерменски сили поддржани од Ерменија, откако таму војната заврши во 1994 година. Во најновите борби, кои избија на 27 септември, загинаа стотици лица, а постои голем ризик Турција и Русија да бидат вовлечени во регионалниот конфликт, порача „Ројтерс“.