Естонските вооружени сили со помош на полицијата и граничната служба, започнаа со изградба на привремени огради долж источните граници на земјата со Русија, кои ќе претставуваат заштита од можни масовни бранови на миграција.
– Досега миграцискиот притисок врз Естонија не е зголемен, но доколку дојде до промена, брзата изградба на привремени бариери ќе има значајна улога во спречувањето на масовната илегална миграција – изјави Егерт Белишев, службеник на естонската гранична служба.
Како што се наведува, започнати се работите за поставување на привремени бариери на североисточната и југоисточната граница на Естонија кон Русија.
Eстонската влада во средата одлучи да покани 1.684 воени резервисти на итни вежби за изградба на привремени бариери долж границите.
Според естонскиот министер за одбрана Кале Ланет, министерството ќе постави 130 километри бодликава жица долж источната граница на земјата за да спречи „хибридна закана“.
Мигрантската криза на белоруските граници со членките на Европската Унија ескалираше на 8 ноември, кога неколку илјади луѓе се приближија до полската граница од белоруска страна и се обидоа да преминат во Полска.
Земјите од ЕУ го обвинија Минск за „хибридната војна“ и повикаа на дополнителни санкции против Белорусија, а Лукашенко рече дека одговорноста за новонастанатата ситуација со мигрантите е во западните земји, чија политика, како што рече, ги принудила луѓето да бегаат од војната.