Две екипи иследници од Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОПЦВ) денеска и утре треба да пристигнат во Сирија, за да го истражат наводниот смртоносен хемиски напад во градот Дума.

Ова го соопшти сирискиот амбасадор во ОН, Башар Џафари.

– Овие две групи ќе пристигнат во Сирија одделно, денеска и во петок наутро – рече тој.

Според него, сириските власти „се подготвени да ги спроведат секаде каде што сакаат, кога ќе посакаат, и веднаш штом ќе посакаат“.

Џафари додаде дека од ОПЦВ во сириската Амбасада во Брисел биле испратени четири пасоши и оти визи биле веднаш издадени. Покрај тоа, Сирија е подготвена да издава визи на инспектори и на границата со Либан, информира амбасадорот.

ОПЦВ потврди дека нејзини инспектори од сабота ќе почнат со работа на терен во Сирија.