Германското движење „Ауфштин“, кое има околу 170 илјади регистирани членови, планира масовни улични протести во стилот на француските „жолти елеци“ во 2019 година, во обид да ја смени политичката слика во Германија, пренесува „Гардијан“. Лидерката на движењето, Сара Вагенехт, изјави дека движењето на демонстрантите покажа успешни резултати без поврзаност со политичките партии.
– Имаме големи планови за годинава, знаејќи го ставот на луѓето кои преку протестирање го откриваат својот политички глас, што го немале во текот на многу години – изјави Вагенехт, најавувајќи дека германските демонстранти ќе бидат видени на улиците годинава, иако не дала конкретен приказ на плановите за протестот.
Движењето на „жолтите елеци“ доби голема поддршка од политичкиот спектрум. Децентрализирано движење, без назначен лидер и без детален манифест. Движењето почна како одговор на предложеното зголемување на цените на горивата, а подоцна прерасна во барање за оставка на францускиот претседател Емануел Макрон и за воведување на нови економски реформи.
За време на протестите, демонстрантите често влегуваа во насилни судири со полицијата, а насилни сидири беа забележани и помеѓу демонстрантите кои беа претставници на екстремните десничари и левичари. Облаци од солзавец и чад го прекриваа Париз, а десет луѓе го загубија животот откако демонстрациите почнаа во средината на ноември.
– Не сакаме за време на протестот да се случи каков било вид насилство, но во исто време мора да сфатите дека тоа е прикриен гнев. Тоа не се појавува случајно од никаде. Исто така, мислам дека движењето во Франција не треба да се осудува само како насилно, бидејќи е многу повеќе од тоа – објаснува Вагенехт.
Таа вели дека незадоволството тлее меѓу заедниците во Европа и дека многу од граѓаните се чувствуваат запоставени и исклучени од бенефициите на Европската унија.
– Сиромашните, едноставно немаат пристап до позитивните работи во Европа – вели Вагенехт.
Во исто време, движењето на „жолтите елеци“ на Франција го поддржаа луѓе во Велика Британија, Белгија, Италија, Канада, Израел и други земји, каде што во знак на поддршка и солидарност луѓето носеа жолти елеци.
Властите во повеќе земји внимателно го следеа движењето од страв дека може да се прошири и да земе замав и кај нив. На пример, во египетските власти ја забранија продажбата на жолти елеци месецов, со цел да се задуши потенцијален масовен протест во чест на петгодишнината од египетската револуција во 2013 година.
Иако беа забележани „имитации“ на движењето на жолтите елеци низ целиот свет, ниедно од нив не ја достигна големината на движењето во Франција. Но, 2019 година може да биде политички турбулентна исто како претходната година, а тоа може да го смени начинот на кој анти-естаблишмент движењата делуваат, односно начинот на кој нивниот глас ќе биде слушнат.