Поротата во судскиот случај против американскиот филмски продуцент Харви Вајнстин, дозна дека тој ја најмил израелската детективска служба „Црна коцка“, во која членуваат поранешни агенти на Мосад, со цел да спречи објавување на напис на „Њујорк тајмс“ што ги разоткри обвиненијата за сексуално злоставување против него и го покрена движењето „И јас исто така“ (#metoo), пренесува „Гардијан“.
Адвокатот Дев Сен, пред судот изјави дека фирмата „Боис Шилер Флекснер“ дејствувала како врска помеѓу Вајнстин и израелската детективска служба „Црна коцка“.
Наводно, Вајнстин и израелската фирма потпишале договор три месеци пред да биде објавена статијата во „Њујорк тајмс“, која ги разоткри скандалите на Вајнстин и го започнаа движењето „И јас исто така“ (#metoo), преку кое илјадници жени почнаа да откриваат сексуални скандали со мажи на високи позиции во бизнисот, политиката и во забавната индустрија.
Според детали од потпишаниот договор, „Црната коцка“ требало да добие 300.000 долари доколку успее да го спречи објавувањето на написот во весникот. Тие, исто така, имале наредба, под лажни идентитети, да се спријателат со жените кои го обвинуваат Вајнстин и да извлечат информации од нив.
Вајнстин се соочува со пет обвиненија по кои може да биде осуден на доживотна казна затвор. Тој се изјасни како невин.
„Црната коцка“ првпат беше спомената од страна на новинарот Ронан Фароу од „Њујоркер“. Тој исто така откри дека договорот бил лично потпишан од адвокатот и директор Дејвид Боис, кој го претставуваше поранешниот американски потпретседател Ал Гор во неговата борба против Џорџ Буш, во врска резултатите од претседателските избори во 2000 година, а учествуваше и во постапката која ја поништи забраната за склучување геј бракови во Калифорнија.