Земјите со високи и повисоки средни приходи сочинуваат 53 отсто од светската популација, но примиле 83 отсто од светските вакцини, додека земјите со ниски и пониски средни приходи сочинуваат 47 отсто од светската популација, но примиле само 17 отсто од светските вакцини
Нерамномерната поделба на вакцините меѓу развиените и неразвиените земји и ширењето на индискиот вид на коронавирусот, се најголемите закани за побрзо излегување на светот од пандемијата на ковид-19. Светската здравствена организација соопшти дека варијантата Б.1.617 на вирусот, која е полесно пренослива меѓу луѓето, првпат идентификувана во Индија во минатата година, се класифицира како варијанта на глобална загриженост. Варијантата веќе се прошири во други земји и многу нации се трудат да ги намалат или да ги ограничат движењата од Индија. Кризата со ковид-19 во Индија неделава покажа мали знаци на попуштање, но седумдневниот просек на нови случаи е рекордно висок. За минатата седмица изнесува 390.995, а во последните 24 часа се регистрирани 329.942 случаи, додека бројот на смртни случаи од оваа болест е зголемен за 3.876, соопштија од индиското министерство за здравство.
– Постојат некои достапни информации што сугерираат зголемена преносливост – изјави Марија ван Керхове од СЗО, која најави повеќе податоци за индиската варијанта. Индиските инфекции и смртни случаи во понеделникот беа блиску до рекордните дневни достигнувања, зголемувајќи ги повиците до Владата на премиерот Нарендра Моди да ја заклучи втората најнаселена земја во светот. Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебреизус, изјави дека Фондацијата на СЗО започнува акција „Заедно за Индија“ за собирање средства за набавка на кислород, лекови и заштитна опрема за здравствените работници.
Велика Британија, која е најнапред со вакцинирањето на населението и се подготвува за целосно олабавување на мерките против ширењето на епидемијата, внимателно ја следи состојбата со индискиот вид на ковид-19. Министерот за здравство Мет Хенкок изјави дека препораките за засилено следење и откривање на контактите, ограничување на патувањата и забрзаната вакцинација треба да ја држат епидемијата на многу ниско ниво.
– Секако, ние будно го следиме индискиот вид, а нема докази дека вакцината не дејствува против него – изјави Хенкок, за Тајмс радио, пренесува „Ројтерс“.
Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, рече дека вакциналниот национализам е голема грешка и дека производството на вакцини против коронавирусот треба да се зголеми двојно.
– Некои нации го вакцинираат своето население многу брзо, но сепак имаме земји, особено оние во развој, каде што повеќето не добиле ниту една доза. Значи, генерално, имаме драматична разлика помеѓу земјите кога станува збор за вакцинацијата. Јасно ми е дека светското производство на вакцини мора да се удвои за да се исполнат сите потреби и затоа мора да соработуваме, особено оние земји што имаат капацитет за производство на вакцини – рече Гутереш за руските медиуми.
Случаите со зараза на коронавирус и смртните исходи се намалуваат во повеќето региони, вклучувајќи и во најпогодените области на Америка и Европа, но шокантната глобална разлика во пристапот до вакцините е еден од најголемите ризици за ставање крај на пандемијата, изјави директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Адана Гебрејезус.
– Сега гледаме пад на бројот на случаи со ковид-19 и смртни случаи во опаѓање во повеќето региони, вклучувајќи и во Америка и во Европа – рече Гебрејезус на двонеделниот пандемиски веб-семинар, пренесе „Анадолија“.
Сепак, тој изјави дека бројот сè уште е „неприфатливо голем“, со повеќе од 5,4 милиони регистрирани случаи и речиси 90.000 смртни случаи минатата недела. СЗО потврди дека се пријавени речиси 158 милиони случаи и речиси 3,3 милиони смртни случаи во светот.
– Инфекциите и смртните исходи сѐ уште растат во североисточна Азија. Постојат земји во секој регион со растечки тренд – предупреди Гебрејезус. Како критични точки се посочуваат ширењето на варијантите на вирусот, зголеменото социјално мешање, ублажувањето на социјалните мерки и нееднаквата вакцинација, кои се сите двигатели на пренесувањето.
Експертите посочуваат на „шокантната глобална разлика во пристапот до вакцините што е најголем ризик за ставање крај на пандемијата во светот“. Земјите со високи и повисоки средни приходи сочинуваат 53 отсто од светската популација, но примиле 83 отсто од светските вакцини. Спротивно на тоа, земјите со ниски и пониски средни приходи сочинуваат 47 отсто од светската популација, но примиле само 17 отсто од светските вакцини.
Неколку земји од светот, како САД, Индија и Јужна Африка, поведоа иницијатива привремено да се укинат патентите на вакцините со намера други земји во развој да произведуваат нивни копии на вакцините доколку располагаат со производствени капацитети. Со ваквиот чин се смета дека драстично би се зголемиле производството и дистрибуцијата на вакцини онаму каде што се најпотребни и би се заштитил поголем дел од населението.
Од друга страна, Германија е против ваквата иницијатива и тврди дека всушност производствените капацитети и високите стандарди го ограничуваат производството, а не патентите. Алберт Бурла, извршниот директор на „Фајзер“, порача дека само тие располагаат со капацитети за производство на вакцина со технологија на информациона РНК (иРНК). Сепак, други држави од Европската Унија, како Шпанија, изразија поддршка, но со резерва за предлогот на САД.
Фармацевтските инвеститори исто така предупредија за ваквиот потег, посочувајќи дека може да ги одврати инвестициите во овие компании, како што индустријата докажа дека тие се единствените што можат да дадат решение на кризата.