Белорусија објави дека го прекинува учеството во Источното партнерство на Европската унија, во знак на протест против санкциите против таа земја.
– Не можеме да ги исполниме нашите обврски од овој договор во контекст на санкциите и ограничувањата наметнати од ЕУ – соопшти министерството за надворешни работи.
Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел ја осуди одлуката на Белорусија.
– Белорусија денес направи уште еден чекор назад затоа што го прекинува учеството во Источното партнерство на ЕУ. Таа одлука ќе доведе до понатамошно зајакнување на тензиите и ќе има очигледно негативно влијание врз белорускиот народ – напиша Мишел на Твитер.
Источното партнерство на ЕУ има за цел да ги приближи Унијата и поранешните советски републики.
ЕУ ги засили мерките против белоруските власти поради репресијата врз учесниците во протестите што почнаа во август 2020 година, по претседателските избори на кои беше реизбран претседателот Александар Лукашенко.