Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека ќе го запре финансирањето на Светската здравствена организација (СЗО) затоа што, како што тврди тој, не успеала соодветно да одговори на пандемијата на коронавирусот. Тој ја обвини агенцијата на ОН за лошо справување и прикривање на ширењето на вирусот по појавата во Кина и нагласи оти мора да се бара одговорност од неа.
Самиот Трамп дома е цел на многу критики дека пребавно се справува со пандемијата, а тој тврди дека уште во јануари вовел ограничувања на патувањата во Кина и дека Светската здравствена организација го критикувала за тоа, како и дека главно е пристрасна кон Кина.
САД се најголеми финансиери на СЗО и лани на агенцијата ѝ доделија 400 милиони долари или 15 отсто од буџетот. За споредба, Кина издвои 86 милиони долари. Одлуката дали САД ќе продолжат да го финансираат СЗО ќе биде донесена откако ќе заврши истрагата, која според Трамп ќе трае 60-90 дена.
Потегот на Трамп предизвика лавина критики, а шефот на ОН, Антонио Гутереш, рече дека меѓународната заедница треба да се обедини за да се запре вирусот. Милијардерот Бил Гејтс, чија фондација е втор најголем финансиер на СЗО, рече дека одлуката на Трамп е опасна. Инаку, СЗО во март побара 675 милиони долари помош за борбата против ковид-19, а се шпекулира дека набргу ќе побара најмалку една милијарда долари, јави Би-би-си.