Светот се соочува со застој во испораката на стоки и материјални добра. Причина за ваквите состојби, според медиумите, е оптоварувањето на синџирот за испорака кон светските економски центри, поради постоењето зголемена побарувачка на пазарот, предизвикана од раздвижувањето во економиите на државите

Отежнатото снабдување, но и застојот во испораката на стоки на светско ниво, проследено со невозможноста доставувачите брзо да одговорат на ненадејниот раст на побарувачката на стоките, покрај тоа што создава клима на несигурност во светските економски центри, истовремено може да предизвика и застој во глобалното економско закрепнување од пандемијата.
Светските медиуми ѝ посветуваат големо внимание на оваа проблематика. Притоа се посочува дека токму оваа тешкотија деновиве ќе биде главната тема на разговорите на средбата меѓу првите луѓе на Вашингтон и на ЕУ во САД. Како што пренесува РСЕ, овие проблеми во функционирањето на светскиот синџир за снабдување, меѓу другото, ќе бидат главната поента на средбите на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел со американската администрација. Според медиумот, Европа деновиве, покрај САД, има недостиг од опции за транспорт, но и за складирање производи што ги произведува Кина, со што може да се предизвика и криза во поморскиот транспорт.

Бајден повика пристаништата да работат деноноќно

Во меѓувреме, американскиот претседател Џо Бајден, пред доаѓањето на европските дипломати, повика на олеснување на блокадите во синџирот за снабдување, што се закануваат да им наштетат на американските трговци и да го забават глобалното економско закрепнување по најлошите месеци од пандемијата на ковид-19.
– Покрај засилената активност на пристаништата, неколку големи американски трговци и превозници планираат да ги зголемат своите деноноќни операции. Тоа е голем прв чекор во забрзување на движењето на материјали и стоки преку нашиот синџир на снабдување – рече Бајден, додавајќи дека иако речиси целиот синџир на снабдување е контролиран од приватниот сектор, Владата ќе биде силно вклучена во САД, но и на глобално ниво за оваа проблематика.

Цените на поморскиот транспорт вивнати до небо

Од друга страна, критичниот недостиг од контејнери за поморски транспорт ги катапултира цените на овој вид транспорт и предизвика доцнење во испораката на стоките купени од Кина кон Европа и САД. Трошоците за испорака вртоглаво се зголемија, бидејќи очајните компании чекаат со недели контејнери и плаќаат премија за да стигнат до празен контејнер.
Исто така, земјите низ светот се соочуваат и со недостиг од складиштен простор, кој е важен сегмент од синџирот на снабдувањето на државите со стоки.
Економските експерти во своите анализи за светските медиуми велат дека постојат неколку фактори што произлегуваат од пандемијата, кои ја предизвикаа оваа ситуација.
Според нив, најважен фактор е тој дека Кина испраќа многу повеќе производи во САД и во Европа отколку обратно, во периодот кога се раздвижија економиите на земјите со вакцинацијата. Потоа, нејзината економија се врати побрзо од шокот што го предизвика пандемијата, бидејќи состојбата со вирусот во нејзините граници беше под контрола до вториот квартал од минатата година.
Сето ова доведе до пораст на побарувачката на стоки и нарушување на синџирот на снабдување, кое може дури да резултира и со покачување на цените на производите низ светот.


Македонија не е „имуна“ на нарушениот синџир на испорака

Коментирајќи ги светските случувања околу проблемите во глобалниот синџир на испорака поради недостигот од контејнери, но и складишта за стоки во светот, политикологот Милан Стефановски вели дека и Македонија нема да биде „имуна“ на овој глобален проблем.
– Зголемената побарувачка на стоки дефинитивно се заканува дека ќе го „скине“ глобалниот синџир на испорака на добра. Ова ќе предизвика недостиг од стоки, но и раст на цените на производите во светот, поради кои и Македонија нема да биде поштедена. Сепак, колку ова и да звучни страшно, Владата, но и државниот апарат имаат механизми со кои може да се ублажат и избалансираат ваквите глобални економски проблеми, за да ги надминеме полесно – оценува Стефановски.