ФУДБАЛ – ФИФА ЗА ГОДИШНАТА РАНГ-ЛИСТА

Белгија во моментов три години и три месеци е непрекинато на врвот, меѓу репрезентациите што поминале најмногу време на врвот на рангирањето на листата на ФИФА, Белгија е на третото место, три години треба да се вратите за да најдете официјален натпревар во кој Белгија не постигнала барем еден гол, три е бројот на голмани што ги почнаа натпреварите за Белгија во 2021 година…

Белгија повторно ја заврши годината на првото место на ранг-листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), а репрезентацијата предводена од селекторот Роберто Мартинез во моментов три години и три месеци е непрекинато на врвот на таа листа, од 20 септември 2018 година (водеше неколку месеца и во 2015 година). Но Белгијците ја завршија 2021 година со најтенко водство, со само 2,1 поени повеќе од најблискиот конкурент, репрезентацијата на Бразил.

Светската фудбалска федерација на својата интернет-страница се осврна на ранг-листата, која е во знакот на бројот три. Така, три е бројот на европски земји што пред Белгија го заземале првото место на рангирањето на Светската фудбалска федерација. Селекцијата на Германија водеше во 1993 и во 2014 година, репрезентацијата на Франција во 2001 година, а селекцијата на Шпанија од 2008 до 2013 година.

Три години треба да се вратите за да најдете официјален натпревар во кој Белгија не постигнала барем еден гол. Последен пат остана без постигнат погодок во полуфиналето на Светското првенство (СП) во 2018 година, кога Белгија загуби со 0-1 од Франција. Од тој меч на 10 јули 2018 година во Санкт Петербург, избраниците на Мартинез ја затресоа мрежата на 42 последователни натпревари.
Три е бројот на голмани што ги почнаа натпреварите за Белгија во 2021 година: Симон Мињоле, Коен Кастелс и Тибо Куртоа, кој е импресивен во дресот на шпанскиот Реал Мадрид сезонава и е еден од главните адути на националниот тим.

Три е и бројот на дефанзивци што речиси секогаш ги користи Мартинез во неговите формации во претходните три години. Селекторот е пофлексибилен кога се во прашање напаѓачките формации, избирајќи 3-5-2 или 3-4-3 во зависност од противникот, пишува Светската фудбалска федерација на својата интернет-страница.
Меѓу репрезентациите што поминале најмногу време на врвот на рангирањето на листата на Светската фудбалска федерација, Белгија е на третото место. До 31 декември 2021 година тие поминаа вкупно 1.352 дена на врвот на глобалниот пласман. Само репрезентациите на Шпанија (1.960) и на Бразил (4.731) биле подолго на првото место.

Иако е доминантна на ранг-листата на Светската фудбалска федерација, репрезентацијата на Белгија уште ја бара својата прва победа на голем турнир. Белгија беше елиминирана трипати по ред од евентуалните победници на едно големо натпреварување, и тоа од Франција на Светското првенство во 2018 година, од Италија во четврт-финалето на Европското првенство во 2021 година и од Франција, повторно во полуфиналето, на Лигата на нациите, во сезоната 2020/2021.