Мојата прва сезона беше мошне добра, на првите девет трки бев на подиумот. Оттогаш не гледам уште една сезона силна како годинашната, со седумте победи, рече светскиот првак во Формула 1, пред утрешната трка во Хокенхајм
Луис Хамилтон, во пресрет на утрешната трка за големата награда на Германија на патеката во Хокенхајм (од 15.10 часот), изјави дека ова е неговиот најдобар почеток во сезоната од неговото деби во Формула 1 во 2007 година. Британскиот возач води во генералниот пласман сезонава по доминантно отворање со седум победи во 10 трки.
– Мојата прва сезона беше мошне добра, на првите девет трки бев на подиумот. Оттогаш не гледам уште една сезона силна како годинашната, со седумте победи. Сите овие години во Мерцедес имавме можеби 10 победи во сезона, но никогаш седум во првите 10, па ова е дефинитивно нешто на што навистина сме горди – рече, меѓу другото, Хамилтон за „Гардијан“ пред утрешната трка.
Формула 1 објави дека утре на патеката во Хокенхајм ќе има две ДРС-зони за возачите, во споредба со трите што беа користени за трката во 2018 година. Така, тие повеќе нема да можат да го активираат системот за намалување на отпорот (ДРС) на стартната рамнина, бидејќи првата ДРС-зона е отстранета. Првата зона сега е по првиот свијок, а втората на долгиот дел по четвртиот свиок.
Од актуелните возачи само Хамилтон победил на патеката во Хокенхајм (2008, 2011, 2016 и 2018 година).