Фирузја (18) за повеќе од пет месеци го подобри рекордот поставен пред 12 години од светскиот првак Карлсен

ШАХ – РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ДЕКЕМВРИ

Алиреза Фирузја (18) ја надмина границата од 2.800 рејтинг-поени (има 2.804) на декемвриската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и стана најмладиот шахист во историјата кому ова му успеало. Фирузја, кој стана велемајстор (ВМ) на 14 години, за повеќе од пет месеци го подобри стариот рекорд кој го држеше светскиот првак Магнус Карлсен, поставен пред 12 години (2.801), на возраст од 18 години и 336 дена. Овој рејтинг е резултат на двете големи натпреварувања во ноември, турнирот на ФИДЕ во Рига и екипното Европско првенство (ЕП), што и доведоа до големите промени на светската рејтинг-листа.
Фирузја по големата победа на турнирот на ФИДЕ во Рига, со осум поени од 11 партии, беше феноменален и на екипното ЕП, освојувајќи осум поени од девет партии на првата табла на Франција, што вкупно му донесоа нови 34 рејтинг-поени и второ место на светската рејтинг-листа, веднаш зад Карлсен од Норвешка. Неколкумина врвни велемајстори, како Александар Гришчук, Левон Арониан и Максим Вашер-Леграв, изгубија повеќе поени.

На рејтинг-листата за шахистки, победничката на турнирот на ФИДЕ, Кинезинката Леи Тингџи освои 30 поени и се врати меѓу првите 10 по повеќе од три години, а Русинката Александра Горјачкина (2.610) ја зголеми предноста пред Индијката Хампи Конери (2.586). На врвот е Кинезинката Хоу Јифан (2.658).
ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.564) и понатаму води на македонската рејтинг-листа, а следат ВМ Никола Митков (2.514), ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.473), ВМ Владимир Георгиев (2.452) итн. Водечка шахистка е ЖФМ Моника Стојковска (2.086). Македонија е 52. (со просечен рејтинг на првите 10 играчи од 2.454), меѓу 160 федерации. Прва е Русија (2.729), пред САД (2.703) и Кина (2.700).
Водечки 10 во светот за декември: Карлсен 2.856, Фирузја, 2.804, Динг 2.799, Каруана, 2.792, Непомнијашчи 2.782, Аронијан 2.772, Гири, 2.772, Со 2.772, Мамеѓаров, 2.767, Гришчук 2.764.