Фото: Игор Бансколиев

ФУДБАЛ – СЕРИЈА А

Историска победа на Монца

Монца ја оствари првата, историска победа во фудбалската Серија А со триумфот над гигантот Јувентус, со 1-0, со голот на Данецот Кристијан Гиткјаер во 75-та минута. По седум кола, Монца има четири бода и е 17-та на табелата. Монца стана вториот тим по Катанцаро во 1972 година што првата победа во Серија А ја забележал против Јувентус. Јувентус, кој 50 минути играше со 10 фудбалери, поради исклучувањето на Анхел ди Марија, се наоѓа на осмото место со 10 бода, седум помалку од водечките Наполи и Аталанта. Л.Д.


ФУДБАЛ

Нванери стана најмладиот што настапил во некоја од петте најсилни лиги во Европа

Итан Нванери стана најмладиот фудбалер во историјата на Премиер-лигата, настапувајќи три минути во победата на Арсенал над Брентфорд со 3-0, со која Арсенал остана на првото место по седум кола. На возраст од 15 години и 181 ден, Нванери го надмина премиерлигашкиот рекорд на Харви Елиот, играчот од средниот ред на Ливерпул, кој имаше 16 години и 30 дена кога настапи за Фулам во 2019 година, пишува „Би-би-си“.
Нванери е првиот фудбалер помлад од 16 години што играл во Премиер-лигата и најмлад со настап во некоја од најсилните пет домашни европски првенства (Англија, Италија, Франција, Шпанија и Германија), според податоците на „Би-би-си“. Лука Ромеро на 15 години и 219 дена играл за Мајорка против Реал Мадрид во Ла лига во 2020 година, Калман Жеренкчери на 15 години и 225 дена за Ленс против Монако во 1960 година, Виздом Емеј на 15 години и 274 дена за Болоња против Џенова во Серија А во 2021 година и Јусуфа Мукоко на 16 години и еден ден за Борусија Дортмунд против Херта во 2020 година, пишува „Би-би-си“.


ТЕНИС – ДЕЈВИС-КУП

Италија, Германија и Хрватска и годинава се четвртфиналисти

Италија – САД, Германија – Канада, Австралија – Холандија и Хрватска – Шпанија се четвртфиналните двојки во тенискиот Дејвис-куп, откако се комплетира групната фаза што се играше во Болоња, Глазгов, Хамбург и во Валенсија. Завршницата на годинашното тениско првенство за репрезентации за мажи е предвидено да се игра од 22 до 27 ноември во Малага. Во однос на минатата година во четврт-финалето и тогаш и сега се само Италија, Германија и Хрватска.


КОШАРКА – ВНБА

Прва спортска титула за тим од Лас Вегас

Лас Вегас ја освои првата титула во ВНБА-лигата за кошаркарки во САД, со победата на гостински терен со 78-71, на мечот со Конектикат во четвртиот дуел од финалната серија, за вкупен триумф со 3-1 во победи. Челси Греј беше прогласена за најкорисна кошаркарка (МВП) со просек од 18 поени во текот на мечевите од финалето. Тоа е и првата голема професионална спортска титула за тим од градот Лас Вегас, пишуваат американски медиуми.