АТЛЕТИКА – НА МИТИНГ ВО САЛА ВО БУДИМПЕШТА
Стојоски го собори 35 години стариот рекорд на Мачев на 400 метри
На Меѓународниот атлетски митинг во сала што минатиот викенд се одржа во Будимпешта, Унгарија, Јован Стојоски постави нов рекорд на Македонија на 400 метри во сала, со време 47,18 секунди (1.096 бода), соборувајќи го досегашниот рекорд на Исмаил Мачев од 47,49 секунди, поставен пред 35 години во Будимпешта, во истата сала. Стојоски е рекордер на Македонија и на 200 метри во сала, со време од 21,56 секунда истрчани лани во декември, во Белград. Тој ја претставуваше Македонија на Летните олимписки игри во Токио лани и во квалификациската трка на 400 метри постави личен рекорд, 46,81 секунди. Л.Д.
КОШАРКА – ОЛСТАР-НАТПРЕВАР ВО НБА
Кари ги претвори поените и наградата во донација од 108.000 долари
Олстар-викендот во кошаркарската НБА-лига секогаш е спектакл за гледачите и во салата и за милиони во светот, па така беше и на 75-то издание, кое се одржа во Кливленд. Избраниците на Леброн Џејмс го совладаа тимот на Кевин Дурент, кој поради повреда не беше на паркетот со 163-160 (47-45, 46-49, 45-45, 25-21). Поентерскиот дел одлично го одигра Стеф Кари, кој погоди 16 пати за три поени од 27 обиди, а мечот го заврши со 50 поени, па сосема заслужено го доби признанието за најкорисен играч (МВП) на олстарот.
Предводникот на Голден стејт стана играч со најмногу тројки во една четвртина (шест), а го престигна Џејмс Харден, кој досега го држеше рекордот по број на успешни шутеви за три поени на олстар-дуелите (39). За Кари овој натпревар имаше емотивно значење. Роден е во државата Охајо, во градот Акрон, во близината на Кливленд, најдобриот стрелец одлучи да донира 1.000 долари за секој поен, 3.000 долари за секоја тројка и 10.000 долари ако стане МВП или вкупно 108.000 долари за училишната област во Кливленд. Г.И.