ШАХ – ОТВОРЕНО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ЗА МЛАДИ
Титулите за Симоноски, Камнар и за Николовски

Изминатиов викенд се одржа Отвореното првенство на Скопје за млади шахисти и шахистки (осум, 10 и 12 години) во седум кола, а во организација на Шаховскиот сојуз на Скопје (ШСС). Во категоријата до осум години, по седум кола (30 минути плус 30 секунди по секој потег по играч), победи Лука Симоноски со шест поени, пред Матеј Диванисов со 5,5 и Марко Стојановиќ со пет поени. Најуспешна шахистка меѓу 19 натпреварувачи е Илијана Велева, која со четири поени е шеста. Во категоријата до 10 години победи Даниел Камнар со шест поени, втор е Павел Крстевски со шест поени, но послаб дополнителен критериум, а трет Никола Петровски со 5,5. Меѓу 27 учесници, најдобра шахистка е Наде Смилевска, која со 4,5 поени е седма. И во категоријата до 12 години (се играше 40 минути плус 30 секунди по секој потег по играч) прв е Кирил Николовски со 6,5 поени, втор Александар Спасов, исто така, со 6,5 поени, а трет Либерт Муча со 5,5. Меѓу 27 учесници најуспешна шахистка е Ивана Велковска, која со 4,5 поени е петта. 


ВО ИЗБОРОТ НА ЕВРОПСКИТЕ НОВИНСКИ АГЕНЦИИ
Ѓоковиќ четврти пат најдобар спортист на Европа

Најдобриот светски тенисер, Србинот Новак Ѓоковиќ, е избран за најдобар спортист на Европа за 2021 година, во 64-от избор на европските новински агенции. Изборот традиционално го организира Полската национална агенција (ПАП), а учествуваа вкупно 26 новински агенции. Ѓоковиќ, победникот на три гранслем-турнири годинава, победи со вкупно 172 поени и четврти пат во кариерата ја понесе оваа награда (претходно во 2011, 2015 и во 2018 година).
Второто место го освои минатогодишниот лауреат, фудбалерот на Баерн, Полјакот Роберт Левандовски (133 поена), а третото место му припадна на новиот светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Ферстапен (125). Во првите 10 се најдоа уште и норвешкиот атлетичар Карстен Ворхолм (112 поена), холандската атлетичарка Сифан Хасан (94), словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (79), грчкиот кошаркар Јанис Адетокумпо (55), италијанскиот спринтер Марсел Ламонт Џејкобс (51), шведскиот скокач со стап Арманд Дуплантис (29) и нордиската скијачка од Норвешка, Тереза Јохауг (28).