ФОРМУЛА 1
Ферстапен: Долг е патот до титулата
Макс Ферстапен на трката во Мексико ја забележа 19-та победа во кариерата и ја зголеми предноста во генералниот пласман во Формула 1 сезонава во однос на Луис Хамилтон (Ферстапен 312,5 бода, а Хамилтон 293,5). Претстојат уште четири трки сезонава, следната е во Бразил, в недела.
– Ни претстои уште долг пат во првенството. Сега изгледа добро, но сѐ може брзо да се сврти – изјави Ферстапен, пишува британски „Скај“.
Хамилтон му честита на Ферстапен за победата.
– Дадов сѐ од себе, а на крајот имавме одлична трка со Серхио Перез, каде што успеав да го спасам второто место – изјави Хамилтон. Г.И.
АТЛЕТИКА
Кенијците Корир и Џепчирчир победници на маратонот во Њујорк
Кениските маратонци Алберт Корир во машка и Перез Џепчирчир во женска конкуренција победија на традиционалниот атлетски маратон во Њујорк, еден од шесте најголеми во светот. Корир, кој во 2019 година беше втор, низ целта помина со време од два часа, осум минути и 22 секунди. Олимписката шампионка Џепчирчир ја претрча патеката за два часа, 22 минути и 39 секунди и стана првата маратонка што во иста година победила на летни олимписки игри и на маратонот во Њујорк, пишува „Би-би-си“. На маратонот учествуваа околу 30.000 натпреварувачи, а минатата година, поради пандемијата на ковид-19, тој не се одржа. Г.И.
ФУДБАЛ – ПРЕМИЕР-ЛИГА
По 11 кола, откази за петмина менаџери
Во англиската фудбалска Премиер-лига сезонава, по само 11 одиграни кола, откази добија дури петмина менаџери. Прв што доби отказ беше Циско Муњоз од Вотфорд, во почетокот на октомври, по нецела година на клупата, поради само седумте освоени бода на воведните седум меча. Него го наследи Клаудио Раниери. Следен беше Стив Брус, менаџерот на Њукасл, а привремен шеф на „свраките“ е Греам Џонс. Само по четири месеци на менаџерската функција, од Тотенхем замина Нуно Еспирито Санто, откако неговиот тим претрпе пет порази на претходните седум дуела во Премиер-лигата. На неговото место пристигна Антонио Конте. Норич го отпушти Даниел Фарк само неколку часа по победата над Брентфорд, 2-1, прва сезонава. Под водство на Фарк, кој пристигна во клубот во 2017 година, „канаринците“ ја освоија титулата во дивизијата Чемпионшип во 2019 година, потоа следната сезона завршија на дното во Премиер-лигата, а потоа повторно се вратија во елитата, пак како прваци во Чемпионшип. Дин Смит, кој ја предводеше Астон Вила до Премиер-лигата преку плејофот во 2019 година, е последен во низата, откако тој доби отказ пред неколку дена, по поразот од Саутемптон (0-1), петти по ред. Л.Д.