Промовирана привремена одбојкарска олимписка арена
Во Токио официјално беше отворена арената „Ариаке“, каде што ќе се одржуваат одбојкарските натпревари на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава. Арената е со модерен дизајн, со конкавен покрив што го намалува внатрешниот простор за да се минимизира потребата од климатизација и од осветлување. На Параолимписките игри, арената ќе биде домаќин на кошаркарските натпревари. Одбојкарскиот турнир ќе има доза на носталгија, бидејќи тој спорт првпат беше на ЛОИ 1964 во Токио. Тогаш машката репрезентација на Јапонија го освои бронзениот медал, а женската изненади со освојување на златото. Арената „Ариаке“ е со капацитет од 15.000 места. По ЛОИ, таа ќе се пренамени во центар за забава, спорт и за култура на Токио и пак ќе се отвори во август 2021 година.
Се разгледува враќање на стоењето на стадионите во Англија
Безбедното стоење на трибините на фудбалските стадиони во Англија се доближи до реализација, откако еден извештај открил дека има „позитивно влијание врз безбедноста на гледачите“. Наодите, направени од Управата за безбедност во спортот во привремен извештај, се поздравени од Владата, објави „Телеграф“. Ваквите наоди би можеле да ги вратат трибините со стоење во двете најсилни лиги во Англија, доколку се појават во последната верзија на извештајот што се очекува ова лето. Управата го проучувала однесувањето на стадионите „Селтик Парк“ и „Вестфален“ на Борусија Дортмунд, како и во англиските клубови Шурсбери Таун, Викобе Вандерерс и Оксфорд Јунајтед, кои ја испробуваа оваа идеја. Нивната клучна забелешка во привремениот извештај е дека сигурното стоење „има позитивно влијание врз безбедноста на гледачот, особено во ублажување на ризикот од колапс на толпата“, како и тоа дека безбедното стоење не предизвикало тензија меѓу гледачите или меѓу нив и стјуардите. Во англискиот фудбал од 1994 година сите клубови во Премиер-лигата и во дивизијата Чемпионшип се обврзани да имаат трибини само со седишта. Стоењето е можно во лигите еден и два. Испитувањата на управата вклучуваат еден посебен вид аранжман за стоење, со седишта што се склопуваат, за да се овозможи стоење и да се формира бариера на секој ред.
Шпанскиот куп по 17 години без Барса, Реал и без Атлетико
Барселона, рекордерот со 30 триумфи во шпанскиот фудбалски куп, и Реал Мадрид, освојувачот на 19 трофеи, се елиминирани од ова натпреварување сезонава уште во четврт-финалето. Барса загуби од Атлетик во Билбао (0-1), а Реал дома од Сосиедад (3-4). Тоа значи дека првпат по 2010-та во финалето ќе нема еден од овие два тима. Реал Мадрид, Барселона и Атлетико Мадрид не се меѓу четирите најдобри првпат по 17 години. Пласман во полуфиналето покрај Сосиедад и Атлетик обезбедија уште Гранада и второлигашот Мирандес.