Претходно се зборуваше за кратење на 200 ставки, но засега тоа се 50, како намалување на делегациите од 10 до 15 отсто, откажување на дел од состаноците на ИОК пред ЛОИ, кратење на достапноста на главниот прес-центар за осум дена, откажување на церемонијата за пречек во Олимпиското село, намалување на канцеларискиот простор за 14 отсто…
Откако пандемијата на ковид-19 пред шест месеци ги одложи Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио за една година, организаторите на Игрите и Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) изминативе неколку дена разговараа за поедноставување на ЛОИ и за намалување на трошоците.
– Ова е како чаша полуполна или полупразна. Некои ќе го видат намалувањето како позитивно, а некои ќе очекуваат многу повеќе – рече претседателот на организацискиот комитет Јоширо Мори по дводневните состаноци со претставници на ИОК, пренесе „Асошиејтед прес“.
Тој појасни дека намалувањето на трошоците е релативно мала ставка, но со најголем фокус во следните неколку месеци, бидејќи ќе треба да се преземат дополнителни мерки против пандемијата, во кои се вклучуваат правила за влез на спортисти во Јапонија, потоа гледачи на настаните, можни карантини и достапност на вакцини.
– Големите кратења се тешки, поради веќе склучените договори на ИОК со радиодифузерите и другите засегнати страни – рече Мори, кој додаде дека во моментов не располага со точни бројки за тоа колку ќе се заштеди со поедноставувањето на Игрите.
Претходно се зборуваше за кратење на 200 ставки, но засега тоа се 50. Како дел од мерките за поедноставување на ЛОИ е вклучено намалување на делегациите од 10 до 15 отсто, откажување на дел од состаноците на ИОК што се одржуваат пред ЛОИ, кратење на достапноста на главниот прес-центар за осум дена, редуцирање на превозот за засегнатите страни, откажување на церемонијата за пречек во Олимпиското село, поедноставување на целокупниот изглед на просториите и Олимпиското село, како и намалување на канцеларискиот простор за 14 отсто.
Официјалните лица повторија дека нема да има намалувања на бројот на спортисти, 11.000 за ЛОИ и 4.400 за Параолимписките игри, ниту ќе има намалување на бројот на спортски настани. Меѓу настаните што нема да бидат подложни на кратења се 121 дневното патување на олимпискиот факел, како и церемониите за отворање и на затворање на Игрите.