На онлајн-турнирот ќе играат седум од првите 10 шахисти на светот, а кај шахистките осум од моментално најдобрите 10. Кинескиот тим е со највисок просечен рејтинг, а е предводен од моментално третиот играч во светот Динг Лирен (рејтинг 2.863)
ШАХ
Познати се составите на шесте тима (Русија, САД, Европа, Кина, Индија и Остатокот од светот), кои ќе настапат на шаховскиот интернет-куп на нациите (25 минути време за размислување, плус 10 секунди по секој потег), од 5 до 9 мај. Двата најдобри тима ќе се сретнат во финалето на 10 мај. Во тимовите има по четири играчи (најмалку една шахистка), две резерви (една шахистка) и капитен.
На турнирот, кој во забрзан шах има просечен рејтинг од 2.651 поен ќе игра само еден поранешен машки светски првак во класичен шах, Вишванатан Ананд, а како капитени уште двајца, Гари Каспаров и Владимир Крамник. Кај жените ќе настапат три светски првенки, актуелната Ју Венјун и поранешните Хои Јифан и Марија Музичук.
На турнирот ќе играат седум од првите 10 шахисти на светот, а кај шахистките осум од моментално најдобрите 10.
Кинескиот тим, носител на двоен златен медал на Шаховската олимпијада, е прворангиран според рејтингот на шахистите (во забрзан шах 2.863 поени), а ги предводи третиот играч во светот Динг Лирен (2.863). Во тимот се и Ванг Хао (2.750), Веи Ји (2.752), Хоу Јифан (2.621), најмладата шахистка што ја освоила велемајсторската титула и четирикратна светска првенка, потоа Ју Јангуи (2.738) и актуелната светска првенка Ју Венјун (2.610), која двапати ја одбрани титулата.
Французинот Максим Вашер-Лаграв (2.860) ја предводи Европа (просечен рејтинг 2.687), а во тимот се и Ерменецот Левон Аронијан (2.778), Холанѓанецот Аниш Гири (2.731) и Украинката Ана Музичук (2.533), со резервите Јан-Криштоф Дуда од Полска (2.774) и Нана Џагнидѕе од Грузија (2.447).
Капитен на тимот е поранешниот светски првак Русинот Каспаров, кој ѝ стави крај на својата кариера во 2005 година.
Русија е треторангирана (2.661) и ќе настапи со Јан Непомнијашчи (2.778), Владислав Артемиев (2.769), финалистите за на турнирите за светски првак, Сергеј Карјакин (2.709) и Александра Горјачкина (2.502), а Дмитриј Андреикин (2.740) и Олга Гириа (2.471) се резерви. Капитен е Александар Мотилев.
За САД (2.641) ќе игра моментално вториот играч во светот Фабијано Каруана (2.773). Со него се и Хикару Накамура (2.829), кој се смета за еден од најдобрите шахисти со брзи временски контроли и моментално светски првак во т.н. Фишеров шах, потоа Весли Со (2.741) и две искусни шахистки Ирина Круш (2.392) и Ана Затонски (2.327). Капитен е Ланиер Домингез.
Индија (2.641) ќе ја предводи поранешниот светски првак Ананд (2.751). Во тимот се и Видит Гујрати (2.636), Пентала Харикришна (2.690), Химпу Конери (2.483), Аџибан Башкаран (2.624), Харика Дронавали (2.450), а капитен е поранешниот светски првак, Русинот Крамник, кој веќе не игра активно шах.
Тимот на Остатокот од светот (2.597) е предводен од победникот на Светскиот куп (2019), Азербејџанецот Тимур Раџабов (2.758). Во екипата се и Иранецот Алиреза Фируџја (2.703), најдобрата африканска шахистка на сите времиња Басем Амин (2.608), еден од најголемите таленти од Јужна Америка Хорхе Кори (2.506), поранешната светска првенка Украинката Марија Музичук (2.599) и младата ѕвезда од Казахстан Динара Садуакасова (2.412). Капитен на тимот е актуелниот претседател на ФИДЕ Аркадиј Дворкович.