Мицевски застана меѓу стативите на првиот официјален натпревар на нашиот национален фудбалски тим против Словенија во Крањ пред 30 години. Неговата кариера беше бурна и тој бранеше речиси за сите познати клубови во Македонија. Почетоците му беа во родниот Демир Хисар

Во македонската фудбалска репрезентација, во минативе 30 години од осамостојувањето, продефилираа голем број фудбалери, но во трајно сеќавање ќе останат имињата на оние што настапија на првиот официјален натпревар, откако нашата Фудбалска федерација беше примена во ФИФА. Случајот сакаше противник во тој прв натпревар да ни биде токму еден тим од поранешните простори на Југославија, репрезентацијата на Словенија. Што се однесува до словенечкиот фудбал, тој ни беше добро познат од минатите времиња, кога во заедничката држава Вардар имаше дуели со Олимпија од Љубљана, а и со тогашниот Браник од Марибор, кој повремено играше во Првата лига. Исто така, за словенечкиот фудбал нашите тренери имаа некои сознанија од оние традиционални турнири на републиките и покраините, во кои настапуваа младинските селекции. Но ова беше нешто друго. На тој 13 октомври 1993 година, требаше да му покажеме на светот оти фудбалот во Македонија има длабоки корени што датираат уште од втората декада на минатиот век. Четата селектирана од легендарниот Андон Дончевски, токму тоа го потврди во Крањ и во една полетна игра зачинета со четири гола во мрежата на Словенците, се потврди онаа теза оти не сме „вчерашни“.
Средбата заврши со победа на нашиот тим со 4-1, резултат што им ги разгали срцата на фудбалските вљубеници, а даде и надеж за поголеми остварувања. Во тој прв состав на фудбалска Македонија настапија многу познати имиња, но овој пат ќе се задржам на едно, многу интересно, не толку експонирано, зашто неговата задача не беше да постигнува, туку да не прими гол. Станува збор за корпулентниот и харизматичен голман Зоран Мицевски.
– Кога почнав да играм фудбал уште во пионерските денови во родниот Демир Хисар и не помислував оти еден ден ќе застанам на голот, не само на некој познат македонски фудбалски тим туку и на сениорската репрезентација на нашата земја. По годините поминати во двата фудбалски бренда, Победа и Пелистер, ми причини големо задоволство кога ја добив поканата од популарниот Дончо да застанам на голот на сениорската репрезентација на првата официјална средба по осамостојувањето на Македонија. Тоа беше оној незаборавен дуел во Крањ на 13 октомври 1993 година, кога буквално ги „прегазивме“ Словенците. Тогаш и не бев свесен оти со овој настап во националниот дрес испишуваме една историја во која е вткаено и моето име. Може слободно да се каже оти целиот тој состав има легендарно значење, не само за фудбалот туку и за македонскиот спорт воопшто. Од денешна дистанца, сето ова ми изгледа малку чудно и неверојатно, но кога ќе се разбудат емоциите дури тогаш сфаќам колку овој натпревар беше значаен за македонскиот фудбал. Од тие моменти се отвори една нова фудбалска страница, која до денешен ден само се надградува и дополнува – вели тој

ФУДБАЛОТ МУ ГО ИСПОЛНУВАШЕ СЕКОЈДНЕВИЕТО

Како и сите млади момчиња, барајќи можност за разонода и за докажување, се определува да се занимава со некои корисни работи. Најчесто тоа беа спортовите што вирееја во нивните средини и кои имаа традиција. Така Мицевски, со оглед на фактот оти од мали нозе го привлекуваше фудбалот, го одбра токму овој спорт, кој подоцна стана дел од неговото секојдневие. За негова среќа клубот од Демир Хисар беше добро организиран и имаше развиено голема активност. Токму поради тоа, градот едноставно живееше за својот фудбалски клуб. Демирхисарци со нетрпение чекаа да дојде недела и да се упатат кон игралиштето за да ги бодрат своите миленици во натпреварите од регионалната лига. Во тоа време, во 80-тите години од минатиот век, тие беа пријатно изненадени кога на голот застана едно високо црномуресто момче кај кое веднаш можеа да се забележат исклучителните голмански квалитети. Токму тоа момче подоцна стана еден од најдобрите македонски голмани, кој со своите одбрани често го спасуваше својот тим од пораз.
– Кога почнав активно да се занимавам со фудбалот имав среќа што на кормилото на тимот беше Боби Горгиевски. Тој беше тренер со сите нишани, кој се трудеше од фудбалерите да создаде спортски личности што ќе бидат почитувани, а и посакувани од другите средини. Почувствував оти од овој човек може многу да се научи и да се напредува, па затоа го користев секој момент да научам нешто ново од него, што би ми користело за во иднина – раскажува Мицевски.
Мицевски, кој молневито напредуваше, чувствуваше оти ја има надминато средината и за да може квалитетно да се надградува ќе мора да се пресели во некој клуб од повисок ранг на натпревари. Тој бранеше за Демир Хисар, тука меѓу своите се чувствуваше најудобно и најкомотно, но за да изгради голманска кариера беше свесен оти може да го стори тоа само во некој поголем клуб.
– Имав отворени понуди од повеќе клубови, така што сето тоа малку и ме збунуваше. Не можев да се одлучам и да пресечам и поради фактот што пред мене како „рампа“ се испречуваше заминувањето во војска. Не можев ништо да планирам додека не го отслужам воениот рок, а потоа, си реков ќе видам каде ќе ми се насмее среќата – вели тој.
Во 1986 година Мицевски замина во ЈНА, за веднаш по соблекувањето на војничката униформа да се најде во таборот на прилепска Победа, која од поодамна беше заинтересирана за неговите услуги. Тоа беше изненадување за фудбалската јавност, која се сомневаше и не беше убедена дека тој е вистинскиот избор на прилепчани.
– Како што неочекувано дојдов, така неочекувано брзо застанав на голот во првиот тим на прилепчани. Моето деби беше непланирано и изнудено, зашто првиот голман Мирсад Јонуз доби казна од натпревари неиграње, па немајќи друг избор јас морав да застанам на голот на првиот тим. Своето деби го имав против Раднички од Пирот, кој беше стандарден и квалитетен второлигаш. Тогашниот тренер Анески, кој, инаку, беше една од фудбалските легенди на Победа, пред почетокот на средбата ми рече „знам дека имаш страв, но не плаши се“. Поткрепа ми даде и искусниот Николовски, кон кого гледав како кон фудбалска величина, зашто тој во кариерата имаше забележителни настапи и за Вардар, во Првата југословенска лига. Навистина бев подуплашен, зашто не беше мала работа да застанеш на голот на прилепчани. Победа беше бренд и во првиот тим можеше да се стигне само со квалитет. Пред да истрчаме на теренот си реков: „Зоки, сега ти е шансата“. Во почетокот од средбата интервенирав во два наврата и ја „испратив“ топката далеку од голот. Мислев дека сум згрешил, но од трибините на кои имаше 15-16.000 гледачи одекна аплауз. Тоа ме охрабри. Си реков, значи добро сум сторил. Тогаш ми се потврди она што често го слушав од тренерите, не е битно каде ќе ја шутираш топката, битно е кога доаѓа опасност таа да се исфрли што подалеку од голот. Е, јас токму тоа го сторив, затоа и дојдоа аплаузите од публиката. Инаку, средбата во ова мое деби за прилепскиот тим заврши со наша победа со 2-1 – вели Мицевски.

ДУЕЛИТЕ ПОБЕДА – ПЕЛИСТЕР ПРАЗНИК ЗА ГУРМАНИТЕ

За секој млад играч што потекнуваше од Прилепско-битолскиот Регион, ако не дојде во Вардар, кој беше првиот фудбалски бренд во Македонија, тогаш прва станица беше Победа или Пелистер.
– Јас бев свесен оти преку Победа ќе можам да се афирмиран и затоа бев среќен што дојдов во Прилеп. Тука поминав две и пол години и мислам дека оставив голема трага во, како што велевме на времето, најфудбалскиот град на Балканот. И навистина беше така. Во Прилеп на некои мечеви имаше и по 20.000 гледачи. Кога, пак, се играше против оние поафирмираните екипи тоа беше вистински празник. Тогаш се создаваше онаа вистинска фудбалска атмосфера, која многу ме мотивираше. Одвај чекав да дојде некоја таква средба со посилен ривал, зашто таа нудеше шанса да се манифестираат вистинските квалитети на секој поединец. Се сеќавам на многу такви дуели со Пелистер, Брегалница, Работнички, Тиквеш, Беласица, потоа со Тетекс, кој беше еден од најдобрите клубови во тоа време, а една сезона во почетокот од 80-тите години настапуваше и во Првата југословенска лига. Сите средби со некоја од овие екипи беа голем предизвик, но мечевите со битолчани беа нешто посебно. Тие беа белег на едно традиционално ривалство. Целата фудбалска јавност беше свртена кон нив. Тоа, пак, беше шанса за докажување на секој поединец, тука најубаво можеше да се оцени кој колку вреди. Јас, за среќа, против сите клубови што ги наброив имав солидни настапи и веќе немаше никаков сомнеж во моите квалитети. Можеби затоа во тој период и Вардар, кој беше магнет за секој млад македонски фудбалер, пројави интерес да ме доведе во својата средина – вели Мицевски.
По Победа, Мицевски имаше уште неколку трансфери меѓу кои и во Вардар. Но за тоа како течеше понатаму кариерата на популарниот голман, со посебен акцент на репрезентативните настапи, ќе читате идната недела.


ЗОРАН МИЦЕВСКИ, ФУДБАЛСКИ ГОЛМАН

Роден: во 1968 година во Демир Хисар
Кариера: Демир Хисар, Победа, Пелистер, Вардар, Балкан, ФЦУ Цементарница, Љуботен, Преспа, Македонија ЃП, Брегалница (Делчево), Куманово
Успеси: Прв голман во првиот состав на сениорската репрезентација на Македонија по осамостојувањето на нашата држава, победа над Словенија во Крањ со 4-1
Тренерска кариера: Тренер на голманите на младата и на сениорската репрезентација на Македонија, член на стручниот штаб на првото и досега единствено учество на сениорската репрезентација на Европските првенства