Во февруари 2024 година, шаховската штафета на свеченост во Индија, родното место на шахот и домаќин на 44-та Шаховска олимпијада, ќе почне со својот пат, ќе ги помине континентите и ќе заврши во Будимпешта (Унгарија), градот за 45-та Шаховска олимпијада на ФИДЕ. На 20 јули 2024 година, Меѓународниот ден на шахот, ФИДЕ ќе се обиде да постави и гинисов рекорд со најголем број шаховски партии одиграни во еден ден. Настаните организирани за прослава на стогодишнината на ФИДЕ ќе кулминираат со специјална гала-свеченост во Париз, градот на раѓањето на ФИДЕ
ШАХ – В ГОДИНА ЈУБИЛЕЈ НА ФИДЕ
Во 2024 година, Меѓународната шаховска федерација (ФИДЕ) ќе ја слави својата стогодишнина. ФИДЕ е формирана на 20 јули 1924 година во Париз (Франција), во Градското собрание за време на првата неофицијална Шаховска олимпијада. Петнаесет делегати од целиот свет го потпишале актот за прогласување и ја создале денешната светска шаховска организација.
– Направен е почеток, темелите се поставени, а изгледите се мошне добри дека наскоро ќе имаме работна организација, чија цел ќе биде донекаде да се воведе ред во хаосот и да се има централна власт. Една од главните цели ќе биде зближување на меѓународните љубители на играта – напиша американскиот шаховски билтен во ноември 1924 година, пренесе ФИДЕ.
Како дел од прославите во текот на целата 2024 година, ФИДЕ планира голем број активности, вклучувајќи шаховски фестивали, изложби на кои ќе се прикажуваат историски архиви, документи и шаховски сувенири, 100-годишна јубилејна книга на ФИДЕ од Вили Иклицки, претседател на Историскиот комитет на ФИДЕ, турнири организирани низ светот, онлајн шаховски музеј со ретки шаховски фотографии, уникатни публикации за ФИДЕ, постери од големи настани и многу друго.
Во февруари 2024 година, шаховската штафета на свеченост во Индија, родното место на шахот и домаќин на 44-та Шаховска олимпијада, ќе почне со својот пат, ќе ги помине континентите и ќе заврши во Будимпешта (Унгарија), градот за 45-та Шаховска олимпијада на ФИДЕ. На 20 јули 2024 година, Меѓународниот ден на шахот, ФИДЕ ќе се обиде да постави и гинисов рекорд со најголем број шаховски партии одиграни во еден ден. Настаните организирани за прослава на стогодишнината на ФИДЕ ќе кулминираат со специјална гала-свеченост во Париз, градот на раѓањето на ФИДЕ.
– Основана во 1924 година под мотото „Gens una sumus“ (Сите сме еден род – н.з.), ФИДЕ е една од првите меѓународни спортски федерации. Тоа е движечка сила за светската популарност на шахот и сакаме да ги споделиме најсветлите моменти од нашата историја и историјата на нашата сакана игра со луѓето низ светот. Штафетата на шахот ќе почне во Индија, земјата во која се роди шахот и од каде што се рашири низ светот и стана глобална игра што целиот свет ја игра со ентузијазам. Олимпијадата во Будимпешта, која ќе ги собере сите шаховски нации, исто така, ќе биде искористена како врвно место за прослави со годишни награди, семинари и изложби – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.
Првиот од серијата настани за одбележување на овој историски настан почна на 23 септември. Одбројувањето ќе почне 100 дена пред 2024 година на социјалните мрежи на ФИДЕ. Ќе се објавуваат сто објави, по една дневно. Секоја објава, означена со хаштагот „ФИДЕ100“, ќе раскажува за значаен настан во историјата на ФИДЕ што се случил таа година, почнувајќи од 1924 година.
– Секако дека и Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) ќе се вклучи во одбележувањето на овој голем јубилеј на ФИДЕ. Формалноправно уште не сме договориле што ќе биде, но на првата следна седница на ШФМ ќе формираме организациски одбор што ќе ја разгледа оваа точка. Дали ќе биде тоа со некој турнир, симултанка, изложба на слики од ШО во Скопје во 1972 година и слично ќе видиме, но секој предлог ќе биде добредојден – вели членот на Управниот одбор (УО) на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Следбениците на ФИДЕ на социјалните мрежи ќе дознаат кога била организирана првата Шаховска олимпијада (1927 година), кога ФИДЕ почнала да ги организира светските првенства (1948 г.), кога биле доделени првите велемајсторски титули (1950-та), кога излезе официјалната рејтинг-листа (1971 г.), кога беше признаен од Меѓународниот олимписки комитет (1999 г.) и многу други значајни пресвртници во историјата на организацијата, велат од ФИДЕ.
– И Шаховскиот сојуз на град Скопје (ШСС) ќе биде дел од одбележувањето 100 години постоење на ФИДЕ. Размислуваме да организираме еден блиц-турнир, исто така и неколку младински турнири, нема да изостанат и симултанки, но овие проекти секако допрва ќе треба да ги прецизираме. Патем, Скопје беше домаќин и на ШО 1972, што е и обврска повеќе за нас. Да не заборавиме и дека ФИДЕ веќе две години го поддржува меѓународниот турнир „Опен Скопје“, што особено нѐ радува – вели претседателот на ШСС, Ѓорѓи Миновски.
ФИДЕ ги охрабрува сите организатори и федерации да ги планираат своите редовни и специјални настани под капата на „ФИДЕ100“ и бара поддршка од шаховската заедница за обнова на историската архива на ФИДЕ, пишува ФИДЕ.
– Меѓународната шаховска федерација измина долг пат од своите први чекори пред еден век. Во текот на својата историја, ФИДЕ беше клучна во обликувањето на светот на шахот и ние никогаш не престануваме да целиме кон нови височини, да им служиме на играта и на шаховската заедница – вели Дана Реизние-Озола, заменик-претседателка на УО на ФИДЕ. Г.И.