Новиот формат беше договорен едногласно, а идејата е да се воведе поголема неизвесност во спринтот
Воведен нов формат на спринт-трките во Формула 1
Формула 1 ќе воведе нов формат за спринт-трки, почнувајќи од трката во Азербејџан викендов. Спринт, пократката трка во саботите, е направена независна од големата награда и ќе има своја квалификациска сесија, пишува „Би-би-си“. Квалификациите за одредување на стартните позиции за главната трка ќе се одржат утре. Потоа ќе има пократка квалификациска сесија, во истиот нокаут-формат, в сабота, за да се постави спринтерската стартна позиција.
Квалификациите за спринт-трките ќе имаат три сесии, при што најбавните пет болиди ќе бидат елиминирани на крајот од првите два, но сесиите ќе бидат скратени на само 12, 10 и на осум минути. Трите сесии во стандардните квалификации траат по 18, 15 и 12 минути. Додека користењето гуми во стандардната квалификациска сесија е слободно, за квалификациите за спринтот ќе биде одредено со правилата, па тимовите ќе мора да користат нови гуми во секоја сесија, средна смеса во првите две и меки во натпреварот за првите 10.
Новиот формат беше договорен едногласно во вторникот на состанокот на Комисијата на Ф1, пред да биде одобрено од Светскиот совет на ФИА. Идејата е да се воведе поголема неизвесност во спринтот преку охрабрување на возачите да преземаат повеќе ризици. Претходниот формат за спринтерски викенди, кој беше воведен во 2021 година, имаше петочна квалификациска сесија што ја постави почетната позиција за спринтот и резултатот од спринтот ги воспоставуваше стартните места за главната гранпри-трка. Тоа значеше дека возачите не сакаа да преземаат ризици во спринтот, бидејќи какви било грешки или незгоди несразмерно ќе им наштетат на нивните шанси на гранпри-трката.
Останува да се види дали новиот формат прави некоја значајна разлика, бидејќи и понатаму бодовите за спринтот се многу пониски отколку за гран при (од осум за првото место до еден за осмото). Со новиот формат, кој ќе се користи на сите шест спринтерски викенди сезонава, исфрлени на саботните тренинзи. Оваа сесија е заменета со новата квалификациска сесија за спринтот.
Исто така, беше договорено да се зголеми дозволениот број специфични компоненти на моторот сезонава од три на четири. Компонентите за кои станува збор се моторот со внатрешно согорување, турбополначот и двата дела на хибридниот систем што ја обновуваат енергијата. Н.М.