Мислам дека вештачката интелигенција има место. Тоа патување штотуку почна и мислам дека претстои уште многу, вели Воулс
Директорот на тимот Вилијамс, Џејмс Воулс, вели дека зголемената употреба на вештачката интелигенција (ВИ) во Формула 1 (Ф1) е „возбудлива“, но тој верува дека човечкиот фактор во спортот сѐ уште е витален, пишува „Би-би-си“.
– Мислам дека вештачката интелигенција има место. Тоа патување штотуку почна и мислам дека претстои уште многу – вели Воулс.
Огромното количество податоци генерирани од модерен болид во Ф1 го прави неизбежно, а според Воулс, сега треба да се користи некоја форма на ВИ за да се помогне во анализата и во интерпретацијата на тие податоци.
– Еден автомобил произведува 70.000 канали со податоци, во живо. Но ние го гледаме на ист начин како кога почнав во спортот пред дваесетина години. Тие се појавуваат на екранот во линии, а вие барате шаблони. Разликата е во тоа што веќе не се 32 канала. Нема начин, дури и со сите ресурси што ги имате, да ги обработите. Многу подобар начин да се направи тоа е ефективно да се користи машинско учење или методологии за наука за податоци – вели тој за „Би-би-си“.
И покрај неговиот ентузијазам за потенцијалот на вештачката интелигенција, Воулс негира дека Формула 1 е само за „податоците“.
– Одиме со прототипови на автомобили, кои се менуваат речиси од трка на трка, на различни патеки, со различни гуми. Значи, всушност, количеството заеднички податоци е многу мало. Но без разлика на тоа, ако знаете како да го искористите тоа во ваша корист, можете да почнете да наоѓате модели и трендови што ги барате и како да го направите автомобилот побрз. Јасно е дека можете да зборувате за тоа и ние го правиме тоа, до одреден степен. Но, всушност, вистинскиот начин да се направи тоа е да се користат алатки за моделирање што ќе извршат милиони сценарија за трки. И тогаш ќе го најдете вашиот модел, статистички, што мислите дека ќе направат вашите конкуренти и што мислите дека ќе направите како одговор на тоа? – рече Воулс.
Кога станува збор за менаџерската страна, Воулс вели дека човечките квалитети, како што е „емоционалната интелигенција“, уште се најважни.
– Имате во оваа организација 800 луѓе, мора да воспоставите врска со секој од нив, бидејќи секој треба да го покаже вистинскиот пат, така што повеќе не се работи за „интелигенција“ како во коефициентот на интелигенција. Тоа навистина е градење односи – вели тој.
Воулс верува и дека игрите имаат важна улога во иднината на спортот, особено кога станува збор за охрабрување на луѓето што сакаат кариера во Ф1.
– Фантастично е кога ќе погледнете кој е навистина заинтересиран за спортот сега и како спортот расте. Пред десет години, за малку ќе помислев каде оди спортот во однос на гледаноста и растот. Не денес. Навистина одиме таму каде што треба, да се осигуриме дека ги привлекуваме помладите генерации и жените. Она што двете годишни официјални видеоигри на Ф1 го дозволуваат е луѓето да видат, „всушност, ова може да биде потенцијална кариера за мене“. Ако се вратам пред 35 години кога го гледав на ТВ, не сфатив дека можеш да имаш работа во Формула 1 – рече Воулс.