Вингегард (25) пред вчерашната последна формална етапа низ улиците на Париз имаше голема предност пред Погачар и Томас. Во тимот на Јумбо-Визма, Вингегард е од 2019 година и таму, како што вели, „научил да вози велосипед“. Лани стана познат откако неочекувано се најде на лидерската позиција на тимот по повредата на Роглич и беше втор. Вингегард е прв победник на Тур од Данска по 1996 година, доколку не се случи некаков потежок инцидент во последен момент

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ

Данецот Јонас Вингегард успешно го помина последниот сериозен тест на годинашниот 109-ти велосипедски Тур де Франс, беше втор на саботниот хронометар, најдолгиот индивидуален хронометар (41,7 км), од 2014 година, со што ја завери победата пред вчерашната последна формална етапа низ улиците на Париз, со цел на Елисејските Полиња. Вингегард (25), кој пред последната етапа имаше предност од 3,34 минути, е првиот велосипедист од Данска (вкупно втор) што победил на Тур, по Бјарне Рис во 1996 година (тогаш е роден Вингегард), доколку не се случи некаков потежок инцидент во последен момент. Втор е Словенецот Тадеј Погачар, а трет победникот од 2018-та, Британецот Герент Томас.
– Ова ми значи сѐ, навистина е неверојатно. Тоа е најголемата работа во светот на велосипедизмот и ние го направивме тоа. Од минатата година верував дека можам да го направам тоа и, ете, се случи. Навистина е неверојатно. Тоа е и олеснување, многу сум среќен и горд – изјави Вингегард (25), кој лани беше втор, зад Погачар, кој, пак, победи во 2020 и во 2021 година.
Вингегард е роден во декември 1996 година и е израснат во Хилерслев, рибарско село со 370 жители, во целосно рамен пејзаж на брегот на Северно Море. Како дете играл ракомет и фудбал и бил страстен навивач на Ливерпул, пред да му се посвети на велосипедизмот откако како дете ја гледал Трката околу Данска што поминувала блиску до неговиот дом. Пред да почне посериозно со велосипедизмот, на 19-годишна возраст работел како продавач на риби. Во тимот Коло-Квик, тој ја запознал својата партнерка Трине Хансен, маркетинг-менаџерка, со која ја има ќерката Фрида. Во тимот на Јумбо-Визма е од 2019 година и таму, како што вели, „научил да вози велосипед“. Лани стана познат откако неочекувано се најде на лидерската позиција на тимот по повредата на Примож Роглич и беше втор. Срамежлив и повлечен по природа, тој ги одбива речиси сите телевизиски ангажмани, потпирајќи се врз Трине, која е задолжена за семејниот имиџ додека тој вози велосипед. Тој во интервјуата говори дека „неговите две девојки дома“ се клучни во неговиот живот.

– Битката помеѓу мене и Јонас за жолтата маичка беше многу посебна. Ни претстојат многу интересни следни две или три години. Јонас годинава беше многу силен – изјави Погачар, кој ја освои „белата маичка“ намената за најдобриот млад возач (до 23 години).
Тимот Јумбо-Визма забележа шест победи од 20-те етапи годинава и ги освои „жолтата“ и „точкестата маичка“ наменети за најдобриот во вкупен пласман и за најдобриот во ридско-планинските етапи (Вингегард), како и „зелената“ за тој со најмногу поени (Ван Аерт).
Се чини дека љубителите на велосипедизмот го гледаа раѓањето на новото ривалство Вингегард – Погачар на Тур де Франс, кој годинава беше најбрз во историјата. Признание заслужува и клупскиот колега на Вингегард, Белгиецот Вут ван Аерт, кој победи на три етапи, беше извонреден на планините и му помогна да победи.
– Многу сум емотивен. Да се победи на Тур де Франс како тим навистина е посебно. Сѐ е како од соништата. Суперуморен сум по трите недели. Сакав да победувам на етапите и се надевав дека ќе го видам Јонас како ја обезбедува „жолтата маичка“. Тој има големо срце и успеа. Тоа е нешто посебно – изјави Ван Аерт, кој е првиот по Французинот Бернар Ино пред 43 години што победува на индивидуален хронометар облечен во „зелената маичка“. Л.Д.