ТЕНИС

Четирикратната тениска гранслем-шампионка Наоми Осака е на списокот за настап во поединечна конкуренција на гранслем-турнирот Вимблдон објавен од организаторите, но на листите не се ветераните Роже Федерер и сестрите Вилијамс, седумкратната победничка во сингл Серена и Венус, петкратна шампионка на Вимблдон.
Серена (40) нема играно на турнејата откако повредата за време на нејзиниот натпревар од првото коло на минатогодишниот шампионат на Вимблдон ја принуди да се повлече, додека последниот настап на Венус беше на ВТА-турнирот од серијата 250 во Чикаго минатиот август. Федерер, кој нема играно од четврт-финалето на Вимблдон лани, беше на уште една операција на коленото минатата година, а неговиот тренер во март изјави дека враќањето на Вимблдон е малку веројатно за 20-кратниот победник на гранслем-турнирите. Допрва ќе бидат објавени вајлд-картите за настап на турнирот од 27 јуни до 10 јули.