Серијата целосно за жени овој месец треба да ја почне својата инаугуративна сезона, но само последната од седумте трки ќе се одржи на трката за големата награда во Ф1, во Остин (САД), во октомври. Во 2024 година сите трки ќе се одржуваат за време на викендите во Ф1

Серијата трки на Ф1-академија ќе се одржуваат исклучиво во викендите на трките во Формула 1 во 2024 година, потврди претседателот на Формула 1, Стефано Доменикали, пренесе „Скај спорт“. Серијата целосно за жени треба да ја почне својата инаугуративна сезона овој месец, но само последната од седумте трки ќе се одржи кога и трката за големата награда во Формула 1, во Остин (САД), во октомври.
Најавата следува по потврдата во март дека категоријата ќе ја предводи Сузи Волф, а поранешната развојна возачка на Вилијамс беше именувана за извршна директорка.
– Можам да потврдам дека в година Ф1-академијата ќе биде на тркачкиот викенд на Формула 1, се разбира не секаде, но тоа ќе биде дел од планот за промоција на Ф1-академијата. Формула 1 го презеде раководството на овој проект за да се обиде да направи нешто, инвестирајќи, верувајќи дека со привлекување внимание на проектот навистина може да се надеваме најбрзо што може да имаме жена во Формула 1. Тоа е она што се надевам и затоа инвестираме многу – изјави Доменикали за „Скај спорт“.
Серијата е наменета за помлади возачки и ќе има вкупно пет тима, и тоа АРТ, Кампос, Карлин, МП моторспорт и Према, и секој тим ќе има по три болида. Новата серија е создадена за да ги максимизира можностите и потенцијалот на младите возачки да го достигнат највисокото ниво во мотоспортот, пишува „Скај спорт“.
– Одлично е што Ф1-академијата ќе се трка за време на настаните во Ф1 в година и ова повторно ја истакнува важноста на серијата за Стефано и тимот во Ф1. Со нетрпение очекуваме да ја почнеме сезоната за неколку недели и додека има многу работа да се направи, формираме јасен план за изградба на проект што навистина функционира за иднината на женските таленти во мотоспортот – рече Волф. Н.М.