Според план-календарот на Федерацијата за коњички спортови на Македонија, утре со почеток во 11 часот на теренот на коњичкиот клуб Илинден од Скопје, на хиподромот во Маџари, ќе се одржат вториот и третиот Ноемвриски коњички турнир од отвореното Првенство на Македонија во прескокнување на пречки за 2022 година. На програмата е и шестото коло-финале во пет натпревари во прескокнување на пречки во класите А, Б, Ц, Д и дебитанти со височина на пречките 1–1,2 метри и широчина 1,4 метри.
В недела пак, во 11 часот на истиот терен ќе се одржи третото коло-финале од Купот на Македонија во прескокнување на пречки за годинава. На програмата се четири натпревари во прескокнување на пречки во класите А, Б, Ц и дебитанти со височина на пречките од 1,05 – 1,2 метри и широчина од 1,4 метри. Г.И.