Накамура во финалето на првиот од трите турнира, игран во Берлин, го победи Аронијан и поведе на табелата за пласман на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Карлсен. Гранпри-серијата стана еден од најатрактивните шаховски настани во овој шампионски циклус
ШАХ
Хикару Накамура (2.736 рејтинг-поени) победи на првиот турнир од гранпри-серијата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за 2022 година во Берлин. Во финалето, по возбудлив т.н. тајбрејк (дуели со скратено време за размислување, 2х15 минути по играч), тој ги доби двете партии против Левон Аронијан (рејтинг 2.772) и славеше со вкупно 3-1. Во класичните партии резултатот беше 1-1. Накамура освои 13 поени и моментно е на првата позиција за пласман на Турнирот за кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Магнус Карлсен.
Гранпри-серијата на ФИДЕ стана еден од најатрактивните шаховски настани во овој шампионски циклус, откако повеќе од 400.000 луѓе ги следеа ексклузивните преноси на мечевите во живо преку повеќе шаховски платформи. Секој турнир на гранпри-серијата на ФИДЕ има четири групи со по четворица шахисти, а победникот од секоја група се пласира во полуфиналето. Следуваат турнирите во Белград (од 28 февруари) и во Берлин (во март). Ќе настапат вкупно 24 велемајстори (ВМ), кои ќе играат на два од три турнира.
Првите двајца од оваа серија турнири ќе бидат и последните што ќе се квалификуваат за Турнирот на кандидатите во јуни во Мадрид, на кој ќе настапат осум шахисти. Победникот на тој турнир, в година ќе го предизвика светскиот шампион Карлсен.
– Дефинитивно не подготвив ништо оти не очекував да победам. Сакам да им се заблагодарам на навивачите. Германија има долга историја со оваа игра и беше многу убаво кога ги видов како доаѓаат. Аронијан одигра навистина добро, малку му недостигаше во последните партии, но се надевам дека и двајцата ќе имаме шанси да се квалификуваме на Турнирот на кандидатите. Ова беше одлично искуство и со нетрпение очекувам да се вратам во Берлин за околу три недели – рече Накамура.
Освоени поени по првиот турнир: Хикару Накамура 13, Левон Аронијан 10, Леиниер Домингез 7, Ричард Рапорт 7, Весли Со 4, Андреј Есипенко 4, Радослав Војташек 4, Видит Гујрати 3, Данил Дубов 3, Владимир Федосеев 2, Александар Гришчук 2, Пентала Харикришна 2, Григори Опарин 0, Етиен Бакро 0, Винсент Кејмер 0, Алексеј Широв.