ШАХ – ВТОРО ПРВЕНСТВО НА СКОПЈЕ ЗА ВЕТЕРАНИ
ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Љубомир Илиќ (2.094 рејтинг-поени, рангиран втор пред почетокот на турнирот) го освои првото место на второто првенство на Скопје за шаховски ветерани „13 Ноември“, во организација на шаховскиот клуб на ветерани Скопје 72, а во соработка со Националниот сојуз на слепи на Македонија со награден фонд од 33.000 денари. По седум неизвесни кола, во кои беа видени возбудливи партии, Илиќ освои 5,5 поени, парична награда од 10.000 денари, златна плакета и победнички пехар, кои му ги додели директорот на турнирот, Александар Сидоровски. Второто место му припадна на Илија Стошевски (1.989, рангиран четврти), исто така со 5,5 поени, но со послаб дополнителен критериум. Трет е ФМ Александар Кралевски (2.068, рангиран трети) со пет поени, четврти е ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.865, рангиран осми) со 4,5 поени, а петти Миле Трајковски (1.947, рангиран петти), исто така со 4,5 поени. На турнирот (темпо за размислување 60 минути, плус 30 секунди по секој одигран потег) учествуваа 21 шахист, од кои тројца со титулата ФМ. Борбениот дух и овој пат беше виден во шаховските партии, а присутните гледачи уживаа во неизвесноста до последното коло. Г.И.