Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во директниот дуел за врвот, БиХ, по голема борба, ја совлада женската одбојкарска репрезентација на Македонија со 3-2

МЕЃУНАРОДЕН ТУРНИР „БРАНКО ХАЏИИЉОСКИ-ЧАЈКА“ ЗА ОДБОЈКАРКИ

Со два долги и неизвесни меча, во салата „Војвода Ѓорѓи Стојанов“ во Крушево, заврши 46-то издание на меморијалниот одбојкарски турнир „Бранко Хаџииљоски-Чајка“, со кој традиционално се одбележуваат ликот и делото на основоположникот на одбојката во Тетовскиот Регион.
Сениорскиот состав на женската репрезентација на БиХ го освои првото место со три победи на три натпревари. Во директниот дуел за врвот, БиХ, по голема борба, ја совлада репрезентацијата на Македонија со 3-2. Македонската селекција за одбојкарки до 19 години, пак, го освои четвртото место, иако во натпреварот со репрезентацијата на Косово во истата возрасна категорија водеше со 2-0 во сетови, но на крајот загуби со 2-3.
За најуспешна техничарка на турнирот е прогласена организаторката на играта на БиХ, Милана Божиќ, а најкорисна одбојкарка е Добрина Хаџи Тошева од сениорската репрезентација на Македонија.
Постхумно му беше доделена награда на Тошо Ѓорѓиевски, познат одбојкарски работник од Крушево, а за придонесот за крушевската одбојка пригодни одликувања добија поранешниот играч, а сега делегат на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Андреј Николовски, како и градоначалникот на Крушево, Томе Христовски. Г.И.