СЕ ОДРЖА 18. СКОПСКИ МАРАТОН
Кај мажите победи Киплимо Киплигат, а кај жените Кетрин Черотич. Најдобриот македонски атлетичар, ланскиот победник Дарио Ивановски беше втор, а трет уште еден македонски маратонец, Никола Илиевски. Адријана Поп Арсова постави нов државен рекорд во полумаратон
Киплимо Киплигат (2:18:19 часа) во машка и Кетрин Черотич (2:38:48 часа) во женска конкуренција, двајцата од Кенија, се победници на годинашниот 18. Скопски маратон, кој се трчаше низ улиците на главниот македонски град.
– Среќен сум поради победата, задоволен сум и од постигнатото време, бидејќи трчав сам, морав да се мотивирам, да се бодрам, да се туркам напред. Временските условите беа добри, беше сончево, но не многу топло, убаво се чувствував во Скопје – изјави победникот Киплигат.
Најдобриот македонски атлетичар, ланскиот победник Дарио Ивановски (2:23:07) беше втор, а трет уште еден македонски маратонец, Никола Илиевски (2:43:28 часа).
– Бев втор, но се чувствувам како победник. Очекував време околу 2,30, а бев поблиску до 2,20 часа. Беше прекрасно, имав чувство како да трчам на некој голем маратон или на некое европско или светско натпреварување. По Европското првенство (ЕП) имав мала повреда, успеав да ја санирам, бев подготвен некаде до 95 отсто, но задоволен сум од времето, иако временските услови не беа најдобри, поради ветерот – изјави Ивановски.
Успешниот ден на македонските претставници на Скопскиот маратон беше заокружен со триумфите на полумаратонската трка. Кај жените победи најдобрата македонска атлетичарка, Адријана Поп Арсова, со време на нов државен рекорд (1:16:12 час), а кај мажите Жан Тошев (1:11:56 час).
– Трчав два маратона за релативно кратко време и затоа се решив за пократката делница. Имав мала криза на средината од патеката, не се чувствував најдобро и не очекував нов рекорд. Затоа задоволството е уште поголемо – изјави Поп Арсова.
Годинашната трка, по тригодишната пауза поради пандемијата на ковид-19 и многуте ограничувања, повторно се врати во центарот на градот, на плоштадот „Македонија“, каде што беа стартот и целта, и со нешто измената патека. Временските услови беа добри, ако се изземе ветерот што дуваше и им правеше проблеми на атлетичарите.
Бројката од над 8.500 учесници во сите трки беше над очекувањата и предвидувањата на организаторите.
– Задоволен сум како мина трката, од целата организација, сѐ беше во најдобар ред, а сите натпреварувачи ми го потврдија тоа. Временските услови тешко ги погодуваме, постојано некако е топло, спарно и, како што велат некои маратонци во шега, да го правиме маратонот и на 1 јануари, ќе биде сончево и температурата ќе биде околу 30 Целзиусови степени. Скопскиот маратон веќе е препознатлив настан, се врати во центарот, каде што му е местото, почитувани сме од сите. Лично посакувам во иднина скопјани во што поголем број да излезат на улиците и да ги бодрат учесниците.
Потребни ни се и поквалитетни тркачи, но тоа е поврзано со пари, кои засега ги немаме доволно. Жалам само што со нас не беше Ѓоко Кузмановски, кој ненадејно почина пред неколку дена, беше еден од основоположниците на оваа трка и затоа нему му го посветивме годинашниот маратон. Останува во наредните месеци да подразмислиме и да поразговараме за тоа дали маратонот ќе го вратиме во мај или ќе остане во октомври, кога има многу вакви трки – истакна Кире Синадиновски, директорот на Скопскиот маратон. Л.Д.
Гоце Цветаноски: Најдобро во последните десетина години
По традиција, Редакцијата на весникот „Нова Македонија“ и годинава беше дел од Скопскиот маратон, најмасовната спортска манифестација во Македонија и една од најдобрите. Спортската чест на „Нова Македонија“, кој е и медиумски покровител на Скопскиот маратон, годинава, како и лани, ја бранеа новинарката Сања Јачевска и ликовно-графичкиот уредник Гоце Цветаноски.
– Задоволен сум од резултатот, многу рутински го истрчав полумаратонот. На крајот, кога го видов времето, ми стана јасно дека тоа е најдоброто во последните десетина години (1,34 час), подобро за шест минути од лани. Чувството на крајот е блажено, без разлика на резултатот. Инаку, временските услови не беа баш идеални, имаше многу незгоден ветар, а беше и спарно. Организацијата беше на високо ниво, како и секоја година – рече Цветаноски, за кого ова беше 13-ти настап на Скопскиот маратон. Л.Д.