При изработката на костимот, кој чини 3.400 долари, биле користени многубројни податоци, а биле вршени и тестирања во воздушен тунел

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – НА ТУР ДЕ ФРАНС

Холандскиот велосипедист Матје ван дер Поел и неговите колеги од тимот Алпесин-Феникс ќе носат супермодерни технолошки костими, прилепени за телото, на брзинските етапи на претстојниот Тур де Франс, кој почнува в петок, во Копенхаген (Данска), пишува „Вело њуз“. Костимот на „Вортек“ прилепен за кожата приспособен за пазарот чини 3.400 долари, а обувките 740 долари.
Супербрзиот нов костим на Алпесин-Феникс ќе биде тестиран на еден од најтешките хронометри сезонава в петок, на делницата од 13,2 километри низ улиците на главниот град на Данска, кога ќе биде познато кој прв ќе ја облече жолтата маичка наменета за лидерот на трката. За костумите се погрижи спонзорот на тимот, „Калас“, во соработка со водечкиот британски „аеробренд“ „Вортек“. При изработката на костимите биле користени многубројни податоци, а биле вршени и тестирања во воздушен тунел.
– „Вортек“ има искуство во изработката на супербрзи костими, со кои на спортистите им се овозможува да постигнуваат врвни резултати на најголемите светски настани. Оваа комбинација на нивната врвна аероекспертиза и на нашите најсовремени производствени капацитети значи дека заедно можеме да создадеме нова колекција на аерокомплети од светска класа – изјави шефот на „Калас“, Јозеф Филип.
„Вортек“ ја внесе експертизата за истражување и развој во британскиот велосипедизам и во тимот на Скај, сега Инеос гренадиср, како и во мотоспортот, во тимовите на Астон Мартин и на Бентли. Ефектот од соработката со австралискиот велосипедски тим Бајкексченџ-Џејко зимава беше победата на двата хронометара на Џиро д’Италија годинава. Лани на Тур, Ван дер Поел над сите очекувања беше петти во петтата етапа на хронометар. Во мај тој победи на првата рамна етапа на Џиро д’Италија. Л.Д.