Нори оди со велосипед на мечевите во Лондон и се обидува да ги користи возовите низ Европа, Русувуори лани имал стан во Милано и од таму, наместо со авион, одел со автомобил или со воз на турнири… АТП неодамна лансира апликација, која ја презедоа Русувуори, Рубљев, Нори, Тим…, за играчите да можат да ги следат своите емисии на јаглерод, со долгорочна амбиција да инспирираат позелени патувања. „Кревањето на свеста низ светот кај различни луѓе, за мене е најголемата работа. Убаво е да имам можност да го направам тоа сам, но и да ги натерам луѓето да размислуваат можеби двапати за тоа што го прават“, рече Русувуори
Ако сте професионален тенисер, најверојатно ќе поминете најмалку над 100 илјади километри годишно, а со океани што треба да се преминат и еден голем турнир што следува по друг, авионскиот пат е обично единствената опција, пишува „Би-би-си“. Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП) неодамна лансира апликација за играчите да можат да ги следат своите емисии на јаглерод, со долгорочна амбиција да инспирираат позелени патувања. Еден од оние што се пријавија е светскиот рекет број 47, Емил Русувуори, кој сака да го зачува своето омилено место во родната Финска, викендичка среде природа.
– Од Финска треба да летате насекаде. Но минатата година имав стан во Милано неколку месеци и тоа што можев или да возам или да користам воз беше добра промена. Подобро е да патувате на тој начин, можете да шетате, па дури и временски ништо не се менува. Неколку месеци, всушност, воопшто не патував со авион. Женева, Париз, Милано, Монте Карло, неколку турнири на кои патував со воз или со автомобил. За мене, едно од најдобрите места на Земјата е во Финска, летната куќа. Во кој било период од годината, ако имам можност да одам и да се релаксирам, тоа е најдоброто место, а тоа е во средината на природата. Но потребна е здрава животна средина и здрав свет за да може да го имам тоа – вели тој за „Би-би-си“.
Рускиот светски рекет број седум Андреј Рубљев, британскиот рекет број еден Камерон Нори и шампионот на САД опен од 2020 година, Доминик Тим, се другите играчи што јавно ветија дека ќе ги следат нивните емисии преку новата апликација „Карбон тракер“. Тие, исто така, велат дека ќе ги надоместат сите емисии на патувања на турнирите во 2023 година со купување кредити за јаглерод преку организацијата „Златен стандард“.
Меѓутоа, за тенисот да направи вистинска разлика во својот јаглероден отпечаток, играчите ќе треба да донесат одлуки за патување што ќе им направи неудобност лично и професионално. Дали играчите ќе патуваат низ Европа со воз, кога возниот ред дозволува, иако патувањето често ќе трае подолго, дали играчите, откако загубиле во првото коло, ќе одолеат на шансата да го поминат Атлантикот за неколку дена дома, пред да одлетаат назад за следниот турнир…, пишува „Би-би-си“. Нори е искрен за тоа колку тешко ќе биде да се направи значителна промена.
– Мислам дека најважното нешто во врска со апликацијата е да ги освести другите луѓе и другите играчи за тоа како одиме со работите и навистина да се обидуваме да ги надоместиме нашите емисии на јаглерод. Не е лесно да се обидувате да ги менувате вашите планови за патување и навистина се трудиме да се погрижиме да стигнеме до местата што е можно побрзо и да сме добро одморени. Мислам дека главната работа е да се погрижиме да го правиме најдоброто што можеме за ситуацијата што ја имаме во нашиот спорт, во кој толку многу патуваме. Тоа не е лесен, но е добар чекор напред. Навистина се обидувам да ги користам возовите малку повеќе низ Европа, дефинитивно го претпочитам тоа. Овде, во Лондон, возам велосипед, а имам и електричен автомобил, така што правам што можам – рече тој.
Постои географска логика во начинот на кој се дизајнирани турнирите. И АТП и ВТА имаат по неколку недели во Европа напролет, во Северна Америка кон крајот на летото, а потоа во Азија наесен. Во Дејвис-купот и Купот Били Џин Кинг има помалку натпревари дома и на гости, но уште постои потенцијал во тоа тимовите да треба да летаат илјадници милји за дводневни мечеви. А потоа има егзибициски мечеви, кои некои избираат да ги играат во многу краткиот период надвор од сезона. И Роже Федерер во 2019 година и Рафаел Надал и Каспер Руд во 2022 година ја обиколија Јужна Америка на крајот од регуларната сезона, патем одушевувајќи десетици илјади гледачи, пишува „Би-би-си“.
Играчите што се занимаваат со апликацијата може да бидат наградени со зелена значка, која ќе биде прикажана на нивниот профил на интернет-страницата на АТП.
– Кревањето на свеста низ светот кај различни луѓе, за мене е најголемата работа. Убаво е да имам можност да го направам тоа сам, но и да ги натерам луѓето да размислуваат можеби двапати за тоа што го прават – рече Русувуори. Н.М.