ОДБОЈКА – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Во реваншот во Скопје, Струмица го совлада холандски Динамо Апелдорн, со 3-1 (во првиот меч беше 0-3), но го загуби решавачкиот „златен сет“

Одбојкарите на Струмица, актуелниот првак на Македонија, не успеаја да се пласираат во следната рунда натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ). Тие по голема борба во мечот што траеше 128 минути, во салата „Јане Сандански“ во Скопје, го совладаа холандски Динамо Апелдорн со 3-1 (22-25, 27-25, 25-23, 25-21, „златен сет“ 13-15), со што му се реваншираа за поразот во првиот меч на гости (0-3), но го загубија решавачкиот „златен сет“ (се сметаат победите, не и сет-количниците), што значеше и елиминација од ЛШ.

Струмица, која за првпат игра во ЛШ по 1993 година, настапите во европска конкуренција ќе ги продолжи во октомври во Купот на ЦЕВ, против хрватскиот тим Мурса од Осиек.
– Малку недостигаше за да победиме, но направивме неколку грешки во решавачките моменти, кои скапо нѐ чинеа. А и спортската среќа не беше на наша страна. Севкупно задоволен сум од тоа како одигравме, мислам дека достојно ја претставивме македонската одбојка во Европа. Сега ќе следува мала пауза, потоа нѐ чекаат дуелите против Мурса, можеби пред нашата публика во Струмица, се надевам со поинаква разврска – вели тренерот на струмичани, Кире Ричлиев. Л.Д.