ПАРАОЛИМПИЗАМ – СВЕТСКИ КУП ВО СТРЕЛАШТВО

Таа во финалето на натпреварот со спорт пиштол на 25 метри, како единствена претставничка со посилниот пол, го освои второто место

Македонската стрелачка и параолимпијка Оливера Наковска-Бикова постигна огромен успех на Светскиот куп во стрелаштво за параолимпијци во Шатеро (Франција), освојувајќи го сребрениот медал во дисциплината спорт пиштол од 25 метри. Со настапот на овој Светски куп почнуваат и квалификациите за настап на Параолимписките игри (ПОИ) во 2024 година во Париз.

Наковска-Бикова со резултат од 562 погодени круга во квалификациите влезе во финалето, а од другите двајца македонски натпреварувачи Ванчо Каранфилов со 528 круга го освои 23-то, а Александар Јовановски со 522 круга 25-то место.
Македонските параолимпијци стрелци: Наковска-Бикова, Каранфилов и Јовановски, придружувани од нивниот тренер Бранимир Јовановски и генералниот секретар на ПКСМ, Драган Дојчиновски, од 4 до 13 јуни учествуваат на најголемиот досега организиран Светски куп во стрелаштво за спортисти со инвалидитет, 270 спортисти од 52 држави од целиот свет во повеќе спортски дисциплини, а на истиот тој се доделуваа и првите директни квоти за учество на Параолимписките игри во Париз 2024 година, каде што ќе настапат само првопласираните во секоја дисциплина одделно.