Фото: „Нова Македонија“

КОШАРКА – НБА
Вембањама едногласно е прогласен за дебитант на годината

Виктор Вембањама од Сан Антонио е прогласен за дебитант на годината во кошаркарската НБА-лига за сезоната 2023/2024, објави НБА на својата интернет-страница. Едногласен победник, Вембањама, станува третиот играч на Сан Антонио, кој е дебитант на годината, по Дејвид Робинсон (сезона 1989/90) и на Тим Данкан (1997/98). Вембањама имаше просек од 21,4 поен, 10,6 скока и 3,6 блокади по меч. Тој ги доби сите 99 гласа за прво место од медиумскиот панел, со што стана првиот едногласен дебитант на годината во НБА по Карл-Ентони Таунс во сезоната 2015/2016. Вембањама е првиот кошаркар од Франција што ја освоил наградата што се доделува од сезоната 1952/53, првиот играч со просек од најмалку 20 поени, 10 скока и три блокади за помалку од 30 минути по средба во една сезона и првиот што има најмалку 1.500 поени, 700 скока, 250 асистенции, 250 блокади и 100 тројки во една сезона, пишува НБА. Н.М.


КОШАРКА – НБА
Гобер четврти пат е најдобар одбранбен играч, израмни рекорд на Мутомбо и на Валас

Руди Гобер од Минесота е прогласен за најдобар одбранбен кошаркар на годината во НБА за сезоната 2023/2024 и стана третиот играч во историјата на НБА што ја освоил наградата четири пати, придружувајќи им се на Дикембе Мутомбо и на Бен Валас, пишува НБА. Центарот на Минесота претходно ја освои наградата во сезоните 2020/2021, 2018/2019 и 2017/2018. Французинот е првиот кошаркар на Минесота што ја освоил таа награда. Предводен од Гобер, тимот имаше најдобар одбранбен рејтинг, прими најмалку поени по меч и ги задржа противниците до најнискиот процент на поени од поле во НБА. Најдобрата одбрана ѝ помогна на Минесота (56-26) да го постигне вториот најдобар резултат во историјата на франшизата. Сезонава Гобер имаше просек од 14 поени со 66,1 отсто шут, најдобри тимски 12,9 скока и рекордни за тимот 2,13 блокади по натпревар. Гобер во гласањето доби 72 гласа за првото место. Н.М.


ФУДБАЛ
Силва се враќа во Флуминенсе

Одбранбениот фудбалер Тиаго Силва (39) ќе се врати во бразилскиот клуб Флуминенсе по заминувањето од Челси на крајот на сезоната, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Силва минатата недела изјави дека не го продолжува договорот со англискиот Челси, а Флуминенсе во вторникот објави дека централниот бек се приклучува со слободен трансфер. Флуминенсе е актуелен првак на Јужна Америка. Силва играше за Флуминенсе помеѓу 2006 и 2008 година, потоа замина во Милан, а три години подоцна му се приклучи на Пари сен Жермен. Бразилецот направи трансфер во Челси во 2020 година и ја освои Лигата на шампионите следната година. Н.М.