ШАХ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА ЖЕНИ
Стојковска загуби од Словенката Скухала

Македонската шахистка, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Моника Стојковска (2.057 рејтинг-поени, рангирана на 122-то место пред почетокот на турнирот), го доживеа третиот пораз, во шестото коло на 24. Европско првенство (ЕП) за жени, на Родос (Грција). Таа со црни фигури загуби од ЖФМ од Словенија, Барбара Скухала (2.162, рангирана 93-та). Во седмото коло, македонската репрезентативка со бели фигури ќе биде пред голем предизвик играјќи со ВМ од Бугарија, Антоанета Стефанова (2.447, рангирана петта), која во 2002 година во Варна стана европска шампионка. На четири кола до крајот на ЕП 2024 Стојковска има 2,5 поена и е на делба на 113.-140. место во конкуренција на 182 учеснички. На табелата, сама во водство со 5,5 поени остана ИМ од Азербејџан, Олвија Фаталијева (2.377, рангирана 24-та). Најмалку 10 шахистки од ова ЕП ќе се пласираат на Светскиот куп за жени (ФИДЕ). Пренос во живо на партиите на ЕП може да се следи преку каналот „ЕЦУ Јутјуб“, со коментари на велемајсторот од Хрватска, Алојзије Јанковиќ, и македонската шахистка и репрезентативка Драгана Николовска. Г.И.


КОЊИЧКИ СПОРТ
Утре турнир во дресурно јавање

Според план-календарот на Федерацијата за коњички спортови на Република Македонија (ФКСРМ), на теренот на коњичкиот клуб Анималс, во населбата Дрма (Идризово), утре, со почеток во 11 часот, ќе се одржат третиот априлски коњички турнир и првото коло од Првенството на Македонија во дресурно јавање за годинава. На програмата се три натпревари, и тоа во категориите А, М и ЛМ, со избор на слободна програма и музика во траење од по три-четири минути. Г.И.


ТЕНИС
Ролан Гарос ќе има уште еден терен со подвижен покрив

Вториот подвижен покрив на тениските терени во Ролан Гарос ќе биде инаугуриран на денот на отворањето на гранслем-турнирот на Отвореното првенство на Франција следниот месец, соопштија организаторите за проектот планиран со Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Церемонијата за покривот над теренот „Сузан Ленглен“ со 10.000 седишта ќе се одржи на 26 мај, рече директорката на турнирот Амели Морезмо. Дури и пред инаугурацијата на двонеделниот турнир, покривот може да се затвори ако врне дожд за време на квалификациските рунди во претходните шест дена. Главниот терен „Филип Шатрие“ со 15.000 седишта има подвижен покрив од 2020 година. Н.М.