РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
Гостите не загубија во првите осминафинални мечеви
Ракометарите на Веспрем, Киелце и на ПСЖ се на чекор до пласман во четврт-финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), откако ги добија првите осминафинални дуели на гости и се стекнаа со предност пред реванш-средбите. Единствено без победник заврши мечот помеѓу Загреб и Монпелје, 27-27.
Унгарското дерби помеѓу ПИК Сегед и Веспрем му припадна на Веспрем, кој победи со 37-30. Киелце беше, исто така, убедлив, со 33-25 против данскиот претставник ГОГ, а ПСЖ, предводен од поранешниот тренер на Вардар и селектор на македонската репрезентација, Раул Гонзалез, ја совлада Висла со 30-26. Во четврт-финалето по завршувањето на групната фаза директно се пласираа Кил (ќе игра со победникот од дуелот Сегед – Веспрем), актуелниот шампион Магдебург (ГОГ – Киелце), Алборг (Загреб – Монпелје) и Барселона (Висла – ПСЖ). Г.И.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА ФУДБАЛЕРКИ
Полуфинале: Барселона – Челси и Лион – Пари сен Жермен
Барселона ќе игра со Челси, а Лион со Пари сен Жермен во полуфиналето на Лигата на шампионите за фудбалерки, откако Барселона и Пари сен Жермен во средата славеа на дуелите од четврт-финалето. Барселона го совлада Бран со 3-1 и вкупно со 5-2, а Пари сен Жермен го победи Хакен со 3-0, вкупно со 5-1. Полуфиналињата се во април, а финалето треба да се игра на 25 мај, во Билбао. Од полуфиналистите Лион е најтрофеен во Европа, со осум титули (во 2011, 2012, 2016, 2017, 2018, 2019, 2020 и во 2022 година), Барселона досега двапати беше првак (лани и во 2021 година), Пари сен Жермен двапати беше финалист (во 2015 и во 2017 година), а Челси еднаш (во 2021 година), пишува Европската фудбалска унија (УЕФА). Н.М.
ШАХ – ТУРНИР „ГРЕНКЕ КЛАСИК“
Карлсен во водство по поразот во првото коло
Највисокорангираниот шахист во светот и поранешен петкратен светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.830 рејтинг-поени), поведе по шестото коло со четири поени (три победи и две ремија) на традиционалниот меѓународен турнир „Гренке класик“, во Карлсруе (Германија). Секој ден се играа по две кола, а вчера беше слободен ден.
Во петтото и во шестото коло Карлсен впиша два поена, победувајќи ги Германецот Винсент Кејмер (2.738) и Романецот Ричард Рапорт (2.720), од кого го претрпе единствениот пораз во првото коло. Актуелниот светски првак, Кинезот Динг Лирен (2.762), моментно е четврти со три поени, ремизирајќи ги сите шест партии, а во третата го стори тоа и со Карлсен со црни фигури. На турнирот играат и Французинот Максим Вашер-Леграв (2.728) и Германецот Даниел Фридман (2.590). Се играат вкупно 10 кола (временско темпо од 45 минути плус 10 секунди по секој потег).
Резултати, 5. коло: Вашер-Леграв – Рапорт 1-0 (70 потег), Кејмер – Карлсен 0-1 (66), Фридман – Лирен реми (47). Шесто коло: Карлсен – Рапорт 1-0 (32), Лирен – Вашер-Леграв реми (38), Фридман – Кејмер реми (63). Табела: Карлсен 4, Вашер-Леграв, Рапорт и Лирен по три, Кејмер Фридман по 2,5 поени. Г.И.
ДОСЕГАШНИ ПОБЕДНИЦИ
ГОД. ШАХИСТ
2013 Вишванатан Ананд
2024 Аркадиј Надич
2015 Магнус Карлсен
2016 не се одржа
2017 Левон Аронијан
2018 Фабијано Каруана
2019 Магнус Карлсен
турнирот не се одржа во 2020, 2021, 2022 и во 2023 г. поради пандемијата на ковид-19
2024 ?