КОШАРКА – НБА
Сабонис се доближува до рекорд на Чембрлен
Литванскиот центар Домантас Сабонис (27), син на познатата кошаркарска ѕвезда Арвидас Сабонис, исто така некогашен играч во НБА-лигата, влезе во историјата на најсилната кошаркарска лига, НБА, со рекордно постигнување. Тој во триумфот на Сакраменто на домашен терен против Филаделфија (108-96), со постигнати 11 поени, 13 скока и 10 асистенции, оствари т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), но во аналите влезе со својот т.н. дабл-дабл (двоцифрен ефект во две статистички категории), што е негов 54-ти во низа.
Со тоа тој успеа да го надмине рекордот по спојувањето на НБА-АБА, во 1976 година, на американскиот кошаркар Кевин Лав, кој пред 13 години во дресот на Минесота го стори тоа 53 пати, со што само четворица играчи во историјата на НБА имаат подолга серија од Сабонис, и тоа Вилт Чембрлен (седум пати), Елвин Хејс (двапати), Елгин Бејлор и Волт Белами, пишува НБА.
Сабонис, кој играше на сите досегашни 70 натпревари на Сакраменто сезонава, може да ја максимизира оваа серија на 65 натпревари, што ќе му ја донесе деветтата најдолга серија на сите времиња, само зад Чембрлен, Белами и Бејлор, пишува НБА. Сабонис сезонава има просек од 20 поени, 13,7 скока и 8,3 асистенции по натпревар и е во чекор да му се придружи на Чембрлен (сезона 1967/68) како единствени играчи со просек од 20/13/8 во текот на цела сезона, пишува НБА. Г.И.
КОШАРКА
Следува расплетот во Евролигата
Со само уште три кола во регуларната сезона во кошаркарската Евролига, 32. коло неделава обезбедува неколку дерби-дуели, бидејќи трката за влез во плејофот станува сѐ повозбудлива, пишува Евролигата.
Актуелниот европски првак Реал Мадрид веќе го обезбеди првото место во регуларниот дел од сезоната, откако има резултат од 25 победи и шест порази, недостижно за најблиските ривали.
Според пропозициите, првите шест тима директно ќе се пласираат во плејофот, а екипите од седмото до десеттото место ќе играат во баражот за влез меѓу осумте најдобри тимови сезонава.
Двојки за 32. коло: Макаби Тел Авив – Валенсија (денеска), Жалгирис – Милано, Басконија – Анадолу Ефес, Баерн – Барселона, Партизан – Олимпијакос, Лион – Монако (сите утре), Фенербахче – Алба Берлин, Реал Мадрид – Црвена звезда и Виртус – Панатинаикос (сите в петок). Табела: Реал Мадрид 25-6, Панатинаикос, Барселона и Монако по 20-11, Олимпијакос и Фенербахче по 19-12, Макаби Тел Авив 18-13, Виртус 17-14, Басконија 16-15, Милано, Партизан, Валенсија и Анадолу Ефес по 14-17, Жалгирис и Баерн по 13-18, Црвена звезда 11-20, Лион 7-24 и Алба Берлин 5-26. Н.М.