РАКОМЕТ – МУНДИЈАЛ ЗА MЛАДИНКИ

Познати се сите 32 репрезентации што ќе настапат на СП во Скопје

Познати се сите 32 селекции што ќе бидат дел од Светското првенство (СП) во ракомет за младинки во Скопје годинава (19-30 јуни). Годинашното СП за младинки ќе биде 24-то по ред што ќе се одржи под покровителство на Светската ракометна федерација (ИХФ), а третпат првенството ќе го организира Ракометната федерација на Македонија (РФМ), по шампионатите во 2003 и 2008 година. Македонките досега настапиле на вкупно три светски првенства, и тоа во Бразил во 1995 година (17-то место) и двапати во Скопје (осмо и 18-то место). Титулата од претходното СП, одржано во 2022 година, во Словенија, ќе ја брани Норвешка, а на тој Мундијал втора беше Унгарија, трета Холандија, четврта Шведска… Г.И.


КОШАРКА

Дурант го помина О`Нил и сега е осми стрелец во историјата на НБА

Кевин Дурант стигна до осмото место на вечната листа на најдобри стрелци во најсилната кошаркарска лига во светот, НБА. Во победата против Филаделфија тој постигна 22 коша и со тоа го надмина легендарниот Шекил О’Нил. Крилниот центар на Феникс сега има 28.610 поени, а сезонава веќе ги прескокна Хаким Олајџувон, Елвин Хејс, Мозес Мелоун и Кармело Ентони, напредувајќи од 13-то на осмото место. Пред него, на седмото место се наоѓа легендарниот Вилт Чембрлен, кој постигна 31.419 поени. На шестото место е Германецот Дирк Новицки со 31.560.
– Ти честитам што успеа да ме прескокнеш на вечната листа на стрелците на сите времиња. Заслужено. Но немој да застанеш тука, сакам да видам дали можеш да стигнеш и до бројката еден – му порача О’Нил на Дурант.
На пофалните зборови не остана рамнодушен ни славеникот.
– Благодарен сум што имам можност да бидам во вакво друштво, со некои од најголемите кошаркарски имиња. Добро знаеме што значи Шекил во кошарката, а тоа што го престигнав за мене е огромен успех. Кошарката е повеќе од постигнување поени, меѓутоа прекрасно е што направив ваков подвиг во мојата кариерата – рече Дурант. Г.И.

НАЈЕФИКАСНИ ВО НБА

Леброн Џејмс 40.179
Карим Абдул-Џабар 38.387
Карл Мелоун 36.928
Коби Брајант 33.643
Мајкл Џордан 32.292
Дирк Новицки 31.560
Вилт Чембрлен 31.418
Кевин Дурант 28.597


ЛШ ЗА ФУДБАЛЕРКИ, ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Победи на сите четири гостински екипи

Сите четири гостински екипи победија во првите натпревари од четврт-финалето на Лигата на шампионите (ЛШ) за фудбалерки. Така, прво на гости победија Челси и Лион, на дуелите со Ајакс (3-0), односно со Бенфика (2-1), а потоа и Пари сен Жермен на мечот со Хакен (2-1) и Барселона на средбата со Бран (2-1).
Реваншите се предвидени за идната недела. Барселона е актуелен европски првак. Во полуфиналето меѓу себе ќе играат победниците на натпреварите Бран – Барселона и Ајакс – Челси, како и на средбите Бенфика – Лион и Хакен – Пари сен Жермен. Н.М.


ФУДБАЛ

Ливерпул го ангажира Хјуз за спортски директор, чија главна задача ќе биде да најде наследник на Клоп

Реструктурирањето на техничкиот персонал на англискиот фудбалски премиерлигаш Ливерпул продолжи во средата кога клубот го ангажира Ричард Хјуз за спортски директор, почнувајќи од 1 јуни, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Хјуз ја напушта својата улога како технички директор во Борнмут за да ја преземе функцијата во Ливерпул, откако претходно работеше со Мајкл Едвардс, кој минатата недела беше ангажиран како главен извршен директор за фудбал. Главната задача на Хјуз ќе биде идентификување замена за тренерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој во јануари изјави дека ќе се повлече од функцијата по речиси девет години како тренер на тимот, пишува АП.
– На сите им е јасно дека Јирген ќе остави наследство на кое ќе се гради и во Ричард ја имаме вистинската личност да ги донесе клучните одлуки и да му понуди на раководството да нѐ одведе напред. Бидејќи едно многу успешно поглавје ќе се затвори за Ливерпул во текот на летото, целта на сите тука е да почне уште едно и со Ричард сум убеден дека ја имаме вистинската личност за да ја постигнеме оваа цел – рече Едвардс.
Хјуз е поранешен играч од средниот ред на Шкотска, кој играше за Борнмут и за Портсмут, каде што Едвардс работеше како аналитичар. Хјуз, кој ги водеше фудбалските операции на Борнмут во изминатата деценија, рече дека неговата улога ќе биде да носи „добри одлуки што ги зголемуваат шансите да има тим што победува и ги возбудува гледачите“, пишува АП. Н.М.